Израелските сили ја нападнаа зградата на Министерството за одбрана во Дамаск, објавија сириските медиуми.
Видео од сириската телевизија покажува како зградата на сириското Министерство за одбрана е погодена, принудувајќи го водителот да се засолни.
Сè уште не е познато дали има жртви или обемот на штетата, објави Си-Ен-Ен.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека утрово извршиле напад со беспилотни летала врз сирискиот главен град Дамаск и дека бил погоден влезот на сириската воена команда.
Порано денес, израелски беспилотни летала го погодија и сирискиот град Свеида, каде што продолжија судирите меѓу сириските владини трупи и локалните борци Друзи.
Судирите меѓу сириските владини трупи и локалните борци Друзи продолжија во јужниот сириски град Свеида, само неколку часа откако беше објавен прекин на огнот.
Духовното раководство на Друзите ги повика вооружените фракции да соработуваат со владините сили, да не се спротивставуваат на нивниот влез и да го предадат своето оружје на Министерството за внатрешни работи.
Претходно, избувнаа судири меѓу бедуинските милитанти и вооружените Друзи, а израелската војска потврди напади врз неколку тенкови во областа, предупредувајќи дека Друзите не се цел, пренесува Танјуг.