ВМРО-ДПМНЕ: Николовски да не манипулира со граѓаните, Законот за шуми е преработен и усогласен со европските регулативи

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека новиот предлог текст е поставен на ЕНЕР и закажана е јавна расправа на 15 октомври.

од Бисера Трајковска
9 прегледи Фото: Принтскрин

Партијата ВМРО-ДПМНЕ, денеска, по однос на искажаните ставови на поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, соопшти дека Николовски не треба да манипулира со граѓаните и дека Законот за шуми е преработен и усогласен со европските регулативи.

-Љупчо Николовски упорно секој викенд согласно агендата на Венко Филипче пишува објави по социјални мрежи обидувајќи се да наметне дека во неговото време во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство течело мед и млеко. Овој пат неспособниот Николовски смогна сили да пишува и за реформите во шумарство. Но, еве да го потсетиме Николовски за Законот за шуми за којшто имаше бројни критики и коментари од врвни експерти во областа.

Како што потенцираат од владејачката партија, во изминативе 10 месеци е истиот тој закон кој што се преработи и се усогласи со европските регулативи кои претставуваат современи стандарди во областа на шумарството.

Информираат дека новиот предлог текст е поставен на ЕНЕР. Закажана е јавна расправа по истиот на 15 октомври.

-Да го потсетиме Николовски дека додека беше министер “реформите” кои ги предводеше не беа опфатени сите учесници кои вршат промет со дрвна маса, поточно беше ставен селективен таргет само на Национални шуми, а тие како единка се само сегмент од целиот процес. Самиот термин „реформи во шумарството“, Николовски треба да е запознаен дека подразбира целосна реформа на секторот шумарство со единствена примарна цел да се стави контрола на заштита на шумите од секој аспект пожари, дрвократство, заштита на биодиверзитет, пошумување и сл, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што потенцираат, за период август 2024 – април 2025 над 106.000 хектари шуми управувани од државата се сертифицирани, што означува значајна пресвртница во усогласувањето на шумските практики со глобалните стандарди за одржливост.