Над 200.000 руски војници загинале во војната против Украина

Истражувачката група „Медијазона“ соопшти дека до средата, 200.186 руски војници се потврдени како мртви во војната во Украина, врз основа на анализи на индивидуални некролози, официјални документи и други јавно достапни податоци

од Кристијан Димков
13 прегледи Фото: Принтскрин/ Си-Ен-Ен

Групата „Медијазона“, во соработка со Би-Би-Си Русија и мрежа на волонтери во и надвор од Русија, ги потврди имињата на секоја поединечна жртва користејќи податоци од некролози, смртни изводи од цивили, геолокациски лоцирани гробови, списоци на воени единици, објави на социјалните мрежи, најави за погреби, записи од гробишта и други јавни податоци.

Клучен развој во следењето беше протекувањето на доверливи владини податоци за околу 23.000 безбедносни проверки на луѓе идентификувани од полициските истражители како починати. Во соопштението „Медијазона“ го опиша ова како „пробив“ што овозможи подетално мапирање на жртвите.

Вкупно 200.186 руски војници се потврдени како мртви во Украина до пладне во средата. Во соопштението се нагласува дека оваа бројка „останува конзервативен минимум, а не горна граница“ на вкупните руски воени жртви.

Мапирањето на местата на потекло на мртвите покажа дека се идентификувани 26.600 градови, места и села во сите тринаесет руски временски зони. Во извештајот се вели дека сите руски градови, без исклучок, ги примиле останките на војниците испратени во Украина кои починале таму.

Меѓу идентификуваните мртви се Алексеј Жарков, 35, од арктичкото село Синдаско, најсеверната населба во Русија, и Рустам Рустамов, 24, од Дагестан, најјужната точка на државата. На западниот регион на русија, енклавата Калининград, во извештајот се наведени 63 потврдени смртни случаи, претежно од 336-та пешадиска бригада на морнарицата стационирана во регионот.

Меѓу мртвите беше и 19-годишниот Александар Нинек од селото Уелен на полуостровот Чукотка на брегот на Беринговото Море, на околу 60 километри од територијата на САД и на речиси 7.000 километри од Украина, се вели во извештајот.

Авторите на извештајот истакнуваат дека товарот на жртвите од војната не е рамномерно распределен меѓу граѓаните на Руската Федерација, туку дека постои „изразена социјална стратификација“ во која жртвите се „претежно од оддалечени провинции и сиромашни области“, додека „големите градови и метрополите со повеќе од еден милион жители остануваат во голема мера недопрени“.

Иако околу две третини од Русите живеат во градови, а повеќе од половина во поголеми урбани средини со повеќе од 100.000 жители, две третини од руските жртви доаѓаат од помалите градови, населби и рурални села.

Претежно муслиманскиот регион Башкортостан, или Република Башкортостан во јужен Урал, е идентификуван како територија со најголем број потврдени жртви од војната во Украина. Истражувачите идентификувале 7.700 потврдени смртни случаи, од кои 55 проценти доаѓаат од помалит села, иако речиси две третини од населението на Башкирија живее во градови.