Коосновачот на Твитер ќе отпушти половина од вработените во својата компанија поради ВИ

Блок помина низ неколку рунди отпуштања во текот на 2024 година, но ова е прв пат вештачката интелигенција да биде издвоена како причина за создавање на технолошки вишок

од Кристијан Димков
15 прегледи Фото: Принтскрин/Си-Би-Ес Њуз

Џек Дорси, коосновачот на Твитер, изјави дека неговата технолошка компанија „Блок“ ќе отпушти половина од својата работна сила бидејќи вештачката интелигенција (ВИ), како што изјави, фундаментално го менува она што значи да се изгради и управува со компанија.

Тој верува дека повеќето компании следнава година ќе дојдат до истиот заклучок и дека ќе направат, како што рече, слични структурни промени. Бројот на вработени во неговата компанија, која ги вклучува платформите „Сквер“, „КешАп“ и „Тидал“, ќе се намали од 10 илјади на помалку од шест илјади.

„Блок“ помина низ неколку рунди отпуштања во текот на 2024 година, но ова е прв пат вештачката интелигенција да биде издвоена како причина за создавање на технолошки вишок, што е едно од најновите големи намалувања на работни места во технолошката индустрија.

Амазон на крајот на минатиот месец отпушти 16 илјади работници, откако го намали бројот на работни места за 14 илјади пред неколку месеци.

Главниот финансиски директор на Амазон, Брајан Олсавски говорејќи за финансиските резултати, изјави дека компанијата бара начини да ги намали трошоците во други сегменти, а во исто време значително да ги зголеми инвестициите во вештачката интелигенција.

И другите технолошки гиганти, вклучувајќи ги „Мета“, „Мајкрософт“ и „Гугл“, исто така отпуштаат работници бидејќи се фокусираат на масивни инвестиции во вештачката интелигенција.

Коосновачот и извршен директор на „Мета“, Марк Закерберг, изјави дека очекува 2026 година да биде годината во која вештачката интелигенција драматично ќе го промени начинот на кој работиме.

„Сведоци сме за проекти кои порано бараа големи тимови, а кои сега ги завршува една, многу талентирана личност“, изјави Закерберг.

Повеќето технолошки компании користат алатки за вештачка интелигенција кои автоматски го пишуваа компјутерскиот код потребен за работата на софтверите или веб-страниците. Таквата автоматизација на задачите кои со децении ги извршуваа високообразовани луѓе предизвика стравувања дека вештачката интелигенција од корен ќе го потресе пазарот на трудот.

Но, некои аналитичари веруваат дека директната закана за работните места е претерана од страна на директорите кои сакаат да изгледаат како да се пред своето време.

Дорси верува дека допрво доаѓаат уште повеќе промени поврзани со можностите на вештачката интелигенција. Тој верува дека повеќето компании заостануваат во имплементацијата на вештачката интелигенција, објавува Би-Би-Си.