Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка

„Се работи за проект кој е во должина од 4, 5 км и проект кој значи целосна рехабилитација и поврзување со Република Бугарија“, изјави Николоски

од Кристијан Димков
27 прегледи Фото: Принтскрин/официјален Фејзбук профил на Христијан Мицкоски

Со пуштањето во употреба на реконструираната обиколница на Крива Паланка, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, обновата на градската обиколница и проширувањето и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир се заокружува развојот на источниот крак на Коридор 8. На настанот присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, а проектот, вреден 1,2 милиони евра, претставува дел од стратешките инвестиции во рамки на Коридорот 8.

„Се работи за проект кој е во должина од 4, 5 км и проект кој значи целосна рехабилитација и поврзување со Република Бугарија. Ова не е само обиколица на Крива Паланка, ова е поврзување со Бугарија и е витален дел од Коридор 8 во кој многу вложуваме со цел развој на истиот“, изјави Министерот за транспорт Александар Николоски.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата останува силно фокусирана на реализација на капиталните инвестиции, посочувајќи дека Македонија има стратешка позиција како раскрсница на двата клучни европски транспортни правци – Коридор 8 и Коридор 10. Според него, приоритет се патното, железничкото и енергетското поврзување, а ефектите од овие вложувања веќе се рефлектираат преку растот на БДП.

„Ќе продолжиме и понатаму тој приоритет да го реализираме. Јас очекувам многу скоро сето ова за коешто зборувавме речиси две години од мандатот на оваа Влада да биде реализирано“, додаде тој.