„Владата на последната седница, одржана минатиот вторник, на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија“, соопшти денеска Министерството за здравство.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Според нив, на овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби а дека најголема корист ќе имаат пациентите кои ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфери.
„Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми“, додаваат во соопштението од Министерството.