Битката за преземање на една од најголемите медиумски империи заврши со повлекување на „Нетфликс“, а Тед Сарандос сега одлучи да ја открие позадината на таа одлука. Во интервју за „Блумберг“, тој не штедеше зборови кога ги опишуваше деловните потези на „Парамаунт“, но и влијанието што политичкото раководство, првенствено американскиот претседател Доналд Трамп, го имаше врз целиот процес.
Прашан од страна на новинар дали „Нетфликс“ си имал работа со „необичен“ купувач, Сарандос беше многу директен.
„Необично, да, необично, ирационално, какви и да зборови сакате да употребите“, изјави шефот на „Нетфликс“ и додаде дека ќе биде фасцинантно да се видат следните чекори во развојот на таа ситуација. Иако „Нетфликс“ ја загуби оваа битка, Сарандос тврди дека тоа нема негативно да влијае на нивниот бизнис. „Можеби дури и е во наша корист, но се надевам дека грешам, барем за доброто на целата индустрија“, изјави тој.
Тој, исто така, предупреди на тешките последици што ќе ги претрпи Холивуд поради овој договор. Имено, конкурентскиот понудувач „Парамаунт Скајденс“ позајмува десетици милијарди долари за да проголта многу поголема компанија, а тој долг ќе го принуди извршниот директор Дејвид Елисон да намали дури 16 милијарди долари трошоци.
„Ги проучувавме финансиските книги на „Варнер Брос“ и најголем „вишок“ на луѓе имаат во продукцијата. Кредиторите ги уверуваат дека намалувањата ќе се случат во рок од 18 месеци. „Тоа значи помалку продукција и помалку вработени“, објасни Сарандос, потсетувајќи дека „Парамаунт“ сега има половина од бројот на вработени што ги имаше пред една година, што јасно укажува на насоката во која се движи целата индустрија.
Тој, исто така, се осврна на политичкиот притисок од претседателот Трамп и прашањето дали неговите потези ги исплашиле акционерите на „Варнер Брос“. Сарандос верува дека тоа била само тактичка игра за обид да се избегне потребата од зголемување на финансиската понуда.
„Многу е поевтино да се направи бучава отколку всушност да се зголеми понудата. Затоа прво се обидоа на тој начин“, објасни Сарандос. Тој, исто така, нагласи дека, откако стана јасно дека „Нетфликс“ нема намера да го преземе „Си-Ен-Ен“, Трамп повеќе не покажувал голем интерес за нивниот договор.
За време на преговорите, ситуацијата беше дополнително комплицирана од членката на одборот на „Нетфликс“, поранешната американска дипломатка Сузан Рајс, со нејзините политички коментари. Сарандос призна дека разговарал со неа, но негираше дека планира да ја отстрани од одборот. „Не сакам и не очекувам членовите на менаџментот некогаш да зборуваат за политика, а камоли во средина на ваков договор“. Но, тие имаат право да зборуваат, а таа не зборуваше во име на „Нетфликс“, објасни тој.
Кога станува збор за одлуката за повлекување, Сарандос појасни дека „Нетфликс“ имал јасно дефиниран буџет од самиот почеток, од кој не отстапувале многу. Конечната одлука е донесена кога „Варнер Брос“ во четвртокот информираше за подобрата понуда и нејзините детали. „Знаевме точно што ќе правиме. Задоволен сум од моментот во кој влеговме во ова, но и од моментот во кој излеговме од сето тоа“, заклучи шефот на „Нетфликс“.