Жерновски: Фокусот на средбата со Руте ќе биде на спречување на руското и кинеското влијание во државата

Жерновски додава дека најверојатно ќе се разговара и за односот на Македонија кон НАТО односно зошто државава во период на зголемени безбедносни турбуленции веќе две години нема назначено амбасадор во Алијансата

од Кристијан Димков
29 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телевизија 24

Посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на државава е позитивен чекор и се радувам дека ќе има средба бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ претходно беше игнориран од нашите стратешки партнери на значајни меѓународни настани, како што се Светскиот економски форум во Давос и Минхенската безбедносна конференција, за разлика од него, повеќе држави и влади од регионот имале билатерални средби со генералниот секретар на НАТО, изјави членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски на вчерашната дебата во „24 Анализа“ на Телевизија 24.

„Сериозни теми ќе бидат ставени на маса, ова не е протоколарна средба, ќе бидат хибридните закани кои доаѓаат кога се третира Македонија како што пишува во извештаите на Европскиот Парламент од руското и кинеско влијание во нашата држава.“ изјави Жерновски.

Тој истакна дека фокусот на средбата ќе биде ставен на спречување на руското и кинеското влијание во државата, за кое, како што посочува, се нотира и во извештаи на Европскиот Парламент и од Брисел каде што се напоменува и заемот од Унгарија како средства со кинеско потекло и за наводи на руско влијание преку медиумски и политички канали поврзани со Будимпешта и Белград. Жерновски додава дека најверојатно ќе се разговара и за односот на Македонија кон НАТО односно зошто државава во период на зголемени безбедносни турбуленции веќе две години нема назначено амбасадор во Алијансата.