Европската комисија (ЕК) денес изрази целосна солидарност со сите земји-членки и изјави дека е подготвена да дејствува за да ги заштити интересите на Европската унија (ЕУ) по трговските закани од САД кон Шпанија поради нејзиниот став во војната против Иран.
„Комисијата ќе обезбеди целосно да се заштитат интересите на Европската унија. Ние сме солидарни со сите земји-членки и сите нивни граѓани и преку нашата заедничка трговска политика, подготвени сме да дејствуваме доколку е потребно за да ги заштитиме интересите на ЕУ“, изјави портпаролот на ЕУ за трговија, Олоф Гил, објави RTVE.
Тој потсети дека трговијата меѓу ЕУ и САД е „длабоко интегрирана и меѓусебно корисна“ и додаде дека заштитата на овој однос, особено во време на глобални нарушувања, никогаш не била поважна и е јасно во интерес на двете страни.
Гил нагласи дека ЕУ и САД минатата година склучија „важен трговски договор“ со кој се ограничија вкупните американски царини врз ЕУ на максимум 15 проценти и рече дека Комисијата сега очекува Вашингтон „целосно да ги почитува обврските преземени во нашата Заедничка декларација“ со која формално беше потврден договорот во август.
„Ќе продолжиме да работиме за стабилен, предвидлив и меѓусебно корисен трансатлантски трговски однос во интерес на сите“, се заклучува во соопштението.
Еден ден претходно, портпаролот на ЕУ за трговија веќе изјави дека верува оти САД ќе ги почитуваат обврските преземени во заедничката декларација и јасно стави до знаење дека Комисијата „секогаш ќе се грижи целосно да ги заштити интересите на Европската Унија“.
Пратениците од Европскиот парламент задолжени за преговорите за конечниот текст на трговскиот договор потпишан од Брисел и Вашингтон минатата година планираат да се состанат во вторник за да одлучат дали се подготвени да го продолжат процесот на ратификација или и понатаму постапката ќе биде блокирана.
Порано годинава, Европскиот парламент ја блокираше ратификацијата откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царифи за европските држави кои испратија војници во Гренланд, а минатата недела повторно го блокираше процесот поради неизвесноста предизвикана од пресудата на Врховниот суд на САД со која се поништија повеќето од царините кои ги воведе.
Трамп вчера се закани дека ќе „ја прекине целата трговија со Шпанија“ поради нејзиниот став за нападите на САД и Израел врз Иран, а шпанската влада предупреди дека ако САД сакаат да ги преиспитаат билатералните односи, мора да го почитуваат меѓународното право и договорите меѓу ЕУ и САД.
Шпанија претходно одби да им дозволи на САД да ги користат своите бази во Морон и Рота за воени операции против Техеран.
Од стапувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, трговската политика на земјите-членки на ЕУ кон земјите надвор од ЕУ е единствена одговорност на Европската комисија.
Францускиот претседател Емануел Макрон денес разговараше телефонски со шпанскиот премиер Педро Санчез, изразувајќи ја европската солидарност на Франција со Шпанија во услови на неодамнешните закани за економска принуда, соопшти Елисејската палата.
„Претседателот штотуку разговараше со Санчез за да пренесе порака за европската солидарност на Франција како одговор на неодамнешните закани за економска принуда со кои Шпанија беше цел вчера“, изјави извор од Елисејската палата за BFM.
Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно денес изјави дека ставот на владата е јасен – „не за војна“ и нагласи дека е против ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвикан од нападите на САД и Израел врз Иран.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја изрази „целосната солидарност“ на ЕУ со Шпанија за време на разговорите со шпанскиот премиер Педро Санчез во врска со заканите на американскиот претседател Доналд Трамп и нагласи дека ЕУ секогаш ќе се стреми целосно да ги заштити интересите на своите земји-членки.
Трамп во вторникот изјави дека САД ќе ја прекинат целата трговија со Шпанија затоа што Мадрид одби да ѝ дозволи на американската војска да ги користи неговите бази за мисии поврзани со нападите врз Иран.
„Тукушто разговарав со Санчез за да ја изразам целосната солидарност на ЕУ со Шпанија“, напиша Антонио Кошта на платформата X.
Тој нагласи дека ЕУ секогаш ќе се грижи интересите на нејзините земји-членки да бидат целосно заштитени.
„Ја потврдуваме нашата цврста посветеност на принципите на меѓународното право и светскиот ред заснован на правила“, изјави тој, според Танјуг.