Украинските власти го идентификуваа рускиот генерал-мајор осомничен за организирање на ракетен напад врз детската болница Охматдит во Киев и му доставија известување за сомневање за воени злосторства, објави украинскиот генерален обвинител Руслан Кравченко во средата.
Според него, станува збор за офицер кој во времето на нападот ја извршувал функцијата прв заменик-командант и началник на штабот на руската авијација со долг дострел. Истрагата тврди дека тој ги координирал руските воени единици за време на масовниот ракетен напад врз Украина на 8 јули 2024 година.
Истражителите велат дека генералот наредил лансирање на крстосувачка ракета Х-101 од стратешкиот бомбардер Ту-95МС. Ракетата ја погодила Националната специјализирана детска болница Охматдит во Киев во околу 10:45 часот.
Според истрагата, ракетите од овој тип се програмирани со однапред одредени координати, што, според украинските власти, укажува дека цивилниот медицински објект бил намерна цел на нападот.
Во нападот загинал млад лекар и дедото на еден од пациентите, додека најмалку 34 лица биле повредени, вклучувајќи девет деца. Повеќе од 600 деца биле во болницата во времето на нападот.
Експлозијата предизвикала голема материјална штета на болничките згради и уништила специјализирана медицинска опрема која се користи за лекување на тешко болни деца, објавува „Киев пост“.
Безбедносната служба на Украина (СБУ) соопшти дека осомничениот е генерал-мајор Сергеј Кувалдин, кој бил прв заменик-командант и началник на штабот на руската авијација со долг дострел во времето на нападот.
Украинските власти му доставиле во отсуство известување за сомневање според член 438 од Кривичниот законик на Украина, кој се однесува на воени злосторства коишто резултирале со смрт.
СБУ, исто така, изјави дека Кувалдин претходно бил осомничен за организирање на друг ракетен напад, оној врз Лавов на 4 септември 2024 година, во кој загинале осум цивили.
Бидејќи осомничениот е во Русија, украинските власти велат дека ги преземаат сите потребни чекори за да го изведат пред лицето на правдата.