Голоб: Јанша сака да ја распадне ЕУ

Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека неговиот десничарски изборен ривал Јанез Јанша сака да ја распадне Европската Унија.

од Кристијан Димков
12 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Роберт Голоб

Во интервју за бриселскиот „Политико“, тој изјави дека Европа се соочува со две клучни гласања – изборите во Словенија и Унгарија.

– Станува збор за двете држави. Ако успееме да победиме во двете, мислам дека тоа би бил апсолутно најдобриот позитивен знак за Европската Унија – изјави тој.

Тој ги претстави изборите во двете држави како можност „проевропските сили да го уништат растечкото популистичко движење на континентот“, кое го вклучува и неговиот десничарски ривал – поранешниот трикратен премиер на Словенија, Јанез Јанша, кого Голоб го прикажува како закана за самата ЕУ.

– Мора да разберете дека Орбан е сам во Европскиот совет многу години. Ако Јанша победи, тогаш Советот ќе почне да се фрагментира уште повеќе – рече Голоб додавајќи дека Јанша е најблискиот сојузник на Виктор Орбан.

Тој, исто така, оцени дека чешките и словачки премиери Андреј Бабиш и Роберт Фицо се „некаков вид суверенисти“ во начинот на кој се однесуваат, но дека не се сојузници на Орбан.

– Значи, тие делат слични ставови, но има една голема разлика. Орбан прави сè што може за да ја распадне Европската Унија. Другите двајца не. И Јанша ќе биде целосно на страната на Орбан, што значи дека двајцата ќе се обидат да ја распаднат самата Европска Унија. Тоа е всушност опасноста или битката во која се наоѓаме сега, смета Голоб.

Тој ги обвини претходните влади на Јанша за вооружување на полицијата, газење на владеењето на правото и ограничување на граѓанските права.

– Мислам дека ако можеме да помогнеме во сузбивањето на крајнодесничарските популисти во двете држави, тоа би била огромна победа за Европа, додаде тој.