81
Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски интеграции, Арбр Адеми, вечерва во Брисел се сретна со комесарот за преговори за проширување и соседска политика на Европската унија, Јоханес Хан. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во речиси едночасовната средба во зградата „Берлемонт“ на Европската комисија, Адеми и Хан разговарале за последниот политички договор во Македонија и атмосферата во земјата по неговото постигнување на 20. јули, а кој според двајцата соговорници, треба да донесе кредибилни предвремени парламентарни избори на 11 декември, кои пак ќе донесат крај на речиси двегодишната македонска политичка криза.
– Денеска имав работна средба со еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика на која разговаравме на повеќе актуелни теми. Од моја страна, јас го информирав комесарот за реализација на обврските што произлегуваат од политичкиот договор од 20 јули, кои се значајни за да организираме фер, демократски и кредибилни избори. Се согласивме дека оценката на политичките лидери дека се задоволени условите за организирање на предвремени парламентарни избори во декември е позитивен исчекор кон разрешување на долготрајната политичка криза, изјави за МИА вицепремиерот Адеми по средбата.
Според заменик-претседателот на македонската Влада, тој и комесарот Хан констатирале дека „сега е исклучително важно во наредните недели и месеци, сите политички и општествени чинители во Македонија дека треба да дадат придонес за да продолжи евроинтегративен процес“.
Според Адеми, тема на разговор со еврокомесарот била и имплементацијата на Итните реформски приоритети на Еврокомисијата, за што се согласиле дека е потребно поагресивно и поинтензивно да се имплементираат истите. А, вицепремиерот истакна дека отворена тема на разговор со Хан била и имплементацијата на Охрдискиот рамковен договор, кој според Адеми е значаен документ за евро-атлантската иднина на Македонија како камен-темелник за стабилноста на нашата држава.
– Се осврнавме и на прашањето на миграцијата, каде што се истакна позитивната улога и придонес ан Македонија во справувањето со оваа криза и спречувањето на нелегалното преминување на мигранти. Ние ги поздравуваме сите напори и заложби на меѓународната заедница во рамки на Обединетите нации и секако резултатите од Самитот ЕУ – земји од Западен Балкан во однос на мигрантската криза, каде што е потврднео дека миграциската криза не е само прашање на една земја и регион, туку дека е прашање што бара силен, сериозен меѓународен ангажман, беспрекорна координација и брзо дејствување од сите актери, вели Адеми.
Кога станува збор за регионалната соработка, како што истакнале двајцата соговорници во Брисел, Македонија е отворена за соработка за секоја регионална иницијатива и е заинтересирана да развива добрососедски односи со сите земји од своето опкружување.
– Значајна е и европската перспектива на Македонија и за тоа побаравме од еврокомесарот Хан, но и од сите други европски институции тоа го бараме редовно, да ја имаат предвид европската перспектива на Македонија. И не само на Македонија, туку и на сите земји од Западен Балкан, преку соодветен поттик и одлуки што ќе го исцртаат патот кон приклучување на овие земји кон Европската унија, заклучи вицепремиерот Адеми.
Денешната средба на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции беше прва од повеќето што се планирани во рамки на неговата тордневна работна посета на Брисел, каде се предвидени и посета и средби во Европскиот парламент, како и на други институции важни за македонската европска интеграција