„Амазон“ со силен раст, но слаби прогнози. Aкциите паднаа!

од Aneta Risteska
7 прегледи

Најголемата светска компанија за онлајн продажба, „Амазон“, значително ги зголеми приходите и профитот во последниот квартал од минатата година. Сепак, послабите прогнози за раст на приходите во тековниот квартал ги разочараа инвеститорите, што доведе до пад на акциите за повеќе од 5%.

Амазон во последниот квартал од 2024 година оствари приход од 187,79 милијарди долари, што е зголемување од 10% во споредба со истиот период минатата година. Добивката по акција изнесуваше 1,86 долари, додека вкупниот профит речиси се удвои, достигнувајќи 20 милијарди долари, пренесува CNBC.
Аналитичарите од LSEG предвидуваа приходи од 187,30 милијарди долари и добивка по акција од 1,49 долари.

Приходите од Амазон Веб Сервисите (AWS) пораснаа за 19% на годишно ниво и достигнаа 28,9 милијарди долари. Гледано на годишно ниво, вкупните приходи на компанијата во 2024 година се зголемија за 11%, достигнувајќи 638 милијарди долари, додека профитот речиси се удвои на 59,2 милијарди долари.

И покрај овие позитивни резултати, инвеститорите не беа задоволни од прогнозите за тековниот квартал. Компанијата најави дека очекува раст на приходите од само 5 до 9%, односно меѓу 151 и 155,5 милијарди долари, што е под очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа 158,5 милијарди долари. Доколку растот навистина изнесува 5%, тоа би било најбавниот раст на приходите од излегувањето на компанијата на берзата во 1997 година.

Според Амазон, побавниот раст се должи на негативното влијание на девизните курсеви, односно на невообичаено силниот американски долар. Компанијата исто така најави дека во 2025 година ќе вложи повеќе од 100 милијарди долари во капитални инвестиции, главно во развојот на вештачката интелигенција, продолжувајќи со значајните инвестиции во оваа технологија, и покрај турбуленциите на пазарот предизвикани од појавата на конкурентскиот кинески модел DeepSeek.

Photo/Freepik

Слични содржини