Околу 52 отсто од Американците веруваат дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе бара трет мандат во Белата куќа, покажа новата анкета на YouGov.
На прашањето дали Трамп (79) ќе бара трет мандат, 21 отсто од испитаниците одговориле „дефинитивно“, а 31 отсто одговориле „веројатно“, пишува „Хил“.
Анкетата покажа дека 16 отсто од испитаниците веруваат дека Трамп „веројатно нема“ да бара уште еден претседателски мандат, додека 18 отсто рекле дека „дефинитивно нема“.
Според Уставот на САД, претседателот има право на најмногу два мандати, а републиканскиот претставник Енди Оглс неодамна предложи амандман кој ќе му овозможи на Трамп да отслужи уште еден мандат.
Самиот Трамп ја изнесе идејата за нов мандат на настан, прашувајќи ја публиката дали треба повторно да се кандидира.