Во Европа, бројот на регистрации на нови автомобили во 2024 година се зголеми благо за 0,8 отсто на 10,6 милиони автомобили. Возилата со мотори со внатрешно согорување сè уште го задржуваат приматот, објави Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Шпанија продолжи да бележи постојан пораст на бројот на регистрации на нови возила, со стапка на раст од 7,1 отсто во 2024 година.
За разлика од Шпанија, пад на бројот на регистрации на нови возила е забележан на три главни пазари во Европската унија – Франција (минус 3,2 отсто), Германија (минус 1 отсто) и Италија, која забележа благ пад од 0,5 отсто.
Електричните автомобили со батерии останаа само третиот избор за купувачите во ЕУ, земјите од ЕФТА и Велика Британија во 2024 година. Нивното учество изнесува 15,4 отсто, претекнувајќи ги возилата со дизел погон, со учество од 10,4 отсто.
Автомобилите со бензински мотори го задржаа приматот со вкупно учество од 33,3 отсто. Тоа е нешто повеќе од хибридно-електричните возила, чиј удел на пазарот беше 31,4 отсто, потврдувајќи го второто место во вкупната продажба.
Во декември, бројот на првпат регистрирани електрични возила во ЕУ се намали за 10,2 отсто на само 144.367.
Падот првенствено може да се објасни со остриот пад на првичните регистрации на вакви возила во Германија за цели 38,6 отсто и во Франција за 20,7 отсто. Ова доведе и до намалување на пазарниот удел на ваквите возила во споредба со 2023 година на 13,6 проценти.
Имаше зголемување на бројот на првпат регистрации на plug-in хибридни возила, но бројот е сè уште за 7,3 проценти помал од 2023 година.
Хибридните електрични возила забележаа пораст од 33,1 отсто во првите регистрации во декември, што им помогна да ги надминат автомобилите со дизел погон во 2024 година.
Во декември, повеќето европски пазари забележаа двоцифрен пад на пазарниот удел на автомобилите на бензин и дизел, но тие сè уште го предводат патот во регистрациите на нови возила.
ACEA потсетува дека во ЕУ автомобилската индустрија вработува 13,2 милиони луѓе, што е 10,35% од сите работни места во производниот сектор и дека придонесува со повеќе од 7,5% во вкупниот БДП на Унијата и 106,7 милијарди евра во трговскиот суфицит.