Борел: Негирањето на геноцидот во Сребреница ја навредува правдата и е пречка за помирување

од Илинка Илиоска
23 прегледи

Секое негирање на геноцидот во Сребреница длабоко ја навредува правдата и е пречка за помирување, изјави високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика, Жосеп Борел. Тој рече дека во јули 1995 година било напишано едно од најмрачните поглавја на современата европска историја.

„Повеќе од 8300 илјади момчиња и мажи беа систематски убивани и закопувани во масовни гробници во ридовите околу Сребреница. Денес, 29 години подоцна, 14 од тие жртви, кои неодамна беа идентификувани, ќе бидат погребани на споменикот и гробиштата Сребреница-Поточари“, изјави Борел.

Тој рече дека за нивните семејства и најблиските конечно завршува долгиот и болен период на неизвесност.

Според Борел, Сребреница и понатаму останува длабока лузна во историјата на Европа.

„Неуспехот да се спречи тој геноцид е товар што продолжуваме да го носиме“, изјави Борел.

Тој потсети дека и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата недвосмислено го дефинираа тоа злосторство како геноцид.

„Се заколнавме дека никогаш нема да ги заборавиме – ниту жртвите, ниту огромната болка на нивните семејства и најблиски. Сеќавањето на нив нè тера да работиме секој ден за да се погрижиме дека историјата нема да се повтори, во овој свет каде мирот изгледа сè покревко“, рече Борел.

Како што рече, со назначувањето на 11 јули за „Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година“, Генералното собрание на Обединетите нации призна дека значењето на таа трагедија ја надминува европската област.

Борел рече дека, сепак, загрижувачката тенденција на негирање сè уште е присутна во Босна и Херцеговина (БиХ) и во целиот регион.

„Секое негирање на овој геноцид длабоко ја навредува правдата и е пречка за помирување. Ставот на ЕУ е јасен: во општествата кои ја ценат вистината и правдата, не може да има место за негирање на геноцидот, историскиот ревизионизам или глорификација на воените злосторници“, изјави Борел.

Помирувањето, рече, е одговорност на сите и тоа не е апстрактна цел.

„Тоа мора да биде постојана практика која проникнува во политиката, образованието и секој агол од секојдневието. Особено улогата на политичките лидери во регионот е да ја отфрлат реториката на поделба и активно да промовираат помирување“, додаде Борел.

За тоа, рече тој, потребно е да се почитуваат историските факти, да се оддаде почит на жртвите и да се негува култура на мир и соработка.

„Во март, лидерите на земјите-членки на ЕУ одлучија да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, рече тој.

Според него, почетокот на патот кон членство во ЕУ носи нова надеж за политичка стабилност, економски раст и подобра иднина за граѓаните на Босна и Херцеговина.

Слични содржини