Британската новинарка, Шарлот Алис Пит (32), исчезнала во Бразил пред повеќе од 10 дена, соопшти Здружението на странски дописници, апелирајќи до властите да ги засилат напорите за нејзино пронаоѓање, објави денеска Ројтерс.
Новинарката била пријавена за исчезната откако отпатувала за Сао Паоло, се вели во соопштението на Здружението, чие седиште е во Рио де Жанеиро.
Пит контактирала со пријател во Рио на 8 февруари за нејзините планови да го посети градот и да најде сместување таму, но пријателот одговорил дека „за жал, не може да ја смести“.
Неколку дена подоцна семејството на британската новинарка стапило во контакт со нејзиниот пријател и го информирале дека изгубиле контакт со неа, пренесува Танјуг.
Пит претходно работела како хонорарец во Бразил, известувајќи за Ал Џезира и британските портали за вести.
Од здружението велат дека случајот со нејзиното исчезнување го презела полицијата на Сао Паоло, врз основа на најновите информации за тоа каде се наоѓа, додавајќи дека нејзиното семејство со локалните власти споделило информации за нејзиниот лет до Бразил, како и копија од нејзиниот пасош.
Службата за јавна безбедност на Сао Паоло во посебно соопштение потврди дека „случајот го истражува Петтата единица за исчезнати лица, која презема мерки за пронаоѓање на исчезнатото лице и расветлување на фактите“.