Дали светот оди кон рецесија?

од Milan1
29 прегледи

Царините кои ги воведе актуелниот американски претседател Доналд Трамп предизвикаа шок на светските берзи и се поставува прашањето: дали светот оди кон рецесија?

За почеток, важно е да се каже дека движењата на берзата не мора да ја одразуваат фактичката состојба на економијата. Падот на цените на акциите не значи автоматски пад на економијата. Но, понекогаш тоа сепак значи.

Ваквите големи падови на вредноста на берзите укажуваат на тоа дека инвеститорите почнале поинаку да гледаат на идните профити на компаниите кои ги сочинуваат светските пазари. Причината за загриженост е јасна воведувањето царини значи повисоки деловни трошоци и помала заработка, а со тоа и опасност од слабеење на економскиот раст, губење на работни места и слабеење на куповната моќ.

Ова не значи дека рецесијата е неизбежна, но сигурно е поверојатно сега отколку пред најавените царини на Трамп, кои се најсилни по обем во последните сто години.

Рецесијата официјално се дефинира како период во кој вкупната потрошувачка на граѓаните, владата и извозот паѓаат два последователни квартали.

Загрижувачки знаци

И покрај неизвесноста, постојат знаци на сериозна загриженост. Банките, кои често ја одразуваат состојбата на пошироката економија, претрпеа значителни удари.

„Она што навистина ме шокираше е падот на банкарските акции“, вели еден искусен аналитичар. „HSBC“ и „Standard Chartered“, две големи банки кои работат на раскрсницата на трговијата меѓу Истокот и Западот, паднаа за повеќе од 10 отсто за еден ден иако подоцна делумно закрепнаа.

Уште еден предупредувачки знак доаѓа од пазарот на суровини. Цените на нафтата и бакарот често земени како индикатори за глобалното економско здравје паднаа за повеќе од 15 отсто откако Трамп ги објави новите царини.

Во историјата немало многу случаи во кои сите големи светски економски системи паднале во рецесија во исто време. Меѓу ретките исклучоци се Големата депресија од 1930-тите, глобалната финансиска криза и пандемијата. Иако сегашната ситуација сè уште не е на тоа ниво, се повеќе аналитичари ги зголемуваат своите проценки за ризикот од рецесија во САД, Обединетото Кралство и Европската унија.

Иако се очекуваше идно намалување на каматната стапка на задолжувањето, овој позитивен ефект речиси сигурно ќе се анулира доколку економската криза ги намали даночните приходи, што дополнително би ги оптоварувало јавните финансии. Доколку сите горенаведени ефекти траат подолг временски период, опасноста од рецесија, како и депресија и стагфлација, би била неизбежна.

Слични содржини