Засега нема видлив напредок во преговорите на британскиот премиер Дејвид Камерон со лидерите на земјите членки на ЕУ, на Самитот во Брисел, околу постигнувањето договор за предлозите на Лондон за реформирање на ЕУ, соопшти ноќеска Даунинг стрит 10, пренесува „Гардијан“.

original_1358646525

Првата сесија на Самитот, што започна вчера доцна попледне, завршила без да се постигне согласност за неколку прашања, содржани во британските предлози.

Тоа предизвика намалување на првичниот оптимизам кај кабинетот на премиерот Камерон дека лидерите на земјите од Унијата ќе можат да обезбедат договор.

Дипломатски извори во ЕУ, на кои се повикуваат британските медиуми, рекле дека разговорите биле „конструктивни“ но дека лидерите на некои земји зборувале против британските предлози за реформи.

Нема сознанија кои земји се спротивставиле, но претходно се навестуваше дека „источната четворка“- Полска, Чешка, Словачка и Унгарија- бараат видоизменување на нацрт-договорот по кој се води рсправата, а дека кон нив би можела да се приклучи и Франција, која сака компромис со Велика Британија, но „не на штета на ЕУ“.

Денешната претпладнева дебата за британските предлози ќе биде поместена, за да се остави простор, за нова рунда директни разговори на Камерон со лидерите на земјите кои се противат.

Британскиот премиер синоќа им изјавил на британските новинари дека ќе замине од Самитот без да се постигне договор доколку не може да се обезбеди сето она што Лондон го бара, а што може да ги увери гласачите да гласаат на референдумот за останување на Британија во ЕУ.

Ако овој пат не се постигне согласност, тоа ќе се бара на следниот редовен Самит, предвиден за 17 март, но во Лондон се верува дека за забрзување на работите би можело на крајот од февруари, да се одржи вонреден Самит, посветен само на британските предлози./МИА

Слични содржини