Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, се согласиле дека конфликтот во Украина може да се реши по мирен пат.
„Постои согласност дека ова решение е можно преку мирни преговори, но треба да ги чекаме резултатите од заедничката работа“, рече Песков, пренесе РИА Новости. Тој посочи дека Кремљ е „импресиониран“ од ставот на Трамп за завршување на војната во Украина, за разлика од ставовите на претходната американска администрација.
Путин и Трамп вчера имаа телефонски разговор кој траеше речиси час и половина, при што се осврнаа на голем број важни теми како што се размената на руски и американски граѓани, решавање на ситуацијата во Украина и други меѓународни предизвици.
Тие посветија посебно внимание на блискоисточното прашање, иранската нуклеарна програма, како и билатералните економски односи меѓу Русија и САД. Песков рече дека Путин и Трамп се договориле да ја продолжат комуникацијата и дека е планирана средба на високо ниво.
Иако се уште не се прецизирани точното време и место на средбата, договорено е сега релевантните асистенти да започнат со подготовките за следната комуникација, вклучително и организацијата на состанокот. Во однос на Украина, Песков нагласи дека актуелните разговори не вклучуваат конкретни договори за прекин на огнот пред средбата Путин-Трамп.
Тој ја коментираше и можната улога на Европа и Кина во идниот преговарачки процес. Песков заклучи дека е рано да се извлечат какви било конкретни заклучоци, но се очекува развојот на настаните да донесе појасни насоки за понатамошна комуникација, пренесува Танјуг.