Мексико, земја во која многу жени вршат неформални работи или работат дома во екстремно лоши услови, е на пат да ја добие својата прва жена претседател на претстојните избори.
Најблиску до освојување на оваа позиција се две жени: поранешната градоначалничка на Мексико Сити Клаудија Шајнбаун и поранешната сенаторка Чочитл Галвез.
Сепак, не е познато колку изборот на едната или другата ќе ја промени реалноста на „невидливите“ мексикански работнички, од кои многу работат во услови кои често се опишуваат како „модерно ропство“.
Домашните помошнички, многу потценети во мексиканското општество, всушност играат фундаментална улога, особено сега кога некои жени го следат патот на мажите и се дел од професионалната работна сила.
Но, и покрај реформите што ги спроведува актуелната влада, тие се уште се екстремно слабо платени, злоупотребени од работодавачите, изложени на долги работни часови, лоши работни услови и нестабилност на работните места.
Покрај домашната работа, многу жени во Мексико, слично како и нивните сонароднички во другите земји од Латинска Америка, вршат неформални работи како што се продавање на улица на црно, без никакви работнички права и привилегии и многу почесто од мажите, што експертите понекогаш го поврзуваат со мизогинија во тамошните култури.
Затоа, многу жени се надеваат дека доаѓањето на жена на функцијата претседател ќе им овозможи подобрување на состојбата и промена на рамнотежата во нивна корист. Некои од нив напоменуваат дека ќе гласаат првпат после толку време, бидејќи до сега „сите им биле исти, кој и да победи“.
Бројот на професионални работнички е зголемен во последните петнаесет години во споредба со машките професионалци, но се уште постои голема разлика во заработката и пристапот до раководни позиции.
Сепак, невообичаено голем број жени во социјално конзервативно Мексико преземаат раководни и политички улоги, а од 2005 до 2021 година јазот меѓу мажите и жените во владините и меѓународните ентитети се намали за повеќе од 25 отсто, покажуваат владините податоци.
За тоа придонесоа законите кои со децении се носеа за да придонесат за поголема застапеност на жените во политиката, па така постои регулатива која налага половина од партиските кандидати на изборите за мексиканскиот парламент – Конгрес, да бидат жени. Од 2018 година, половина од пратениците во Конгресот се жени, а бројот на гувернерки исто така нагло се зголеми.
Засега, ниту една од водечките кандидатки за претседателската функција не зборуваше експлицитно за домашните работнички, но и двете јасно се изјаснија против се поизразеното насилство врз жените во Мексико и се залагаат за укинување на јазот во платите меѓу мажите и жените.