Најмалку три пластични шишиња вчераутро биле фрлени во градината на рускиот конзулат, лоциран во осмиот арондисман на Марсеј. Две шишиња експлодирале и предизвикале детонации. Во моментот на експлозијата персоналот бил внатре во зградата, нема повредени. Рускиот генерален конзул во Марсеј, Станислав Орански, потврди дека експлозијата се случила во конзулатот. Околу 30 пожарникари веднаш биле ангажирани во областа.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, оцени дека настанот ги има сите обележја на терористички напад и побара темелна истрага од Франција.
Обвинителството во Марсеј за „Фигаро“ изјави дека е отворена истрага за „оштетување со експлозивни или запаливи материи“, која му е доверена на Одделот за организиран и специјализиран криминал. Во меѓувреме, Москва побара темелна истрага од Франција. Портпаролката Захарова оцени дека експлозиите во рускиот генерален конзулат во Марсеј имаат карактеристики на терористички напад и побара темелна истрага од Франција. Таа рече дека Русија бара француските власти да преземат мерки за безбедноста на руските институции во Франција и нивниот персонал.
„Во врска со она што се случи, бараме француските власти да преземат сеопфатни мерки за веродостојно гарантирање на безбедноста на Генералниот конзулат во Марсеј и другите руски странски институции во Франција, како и нивниот персонал. Очекуваме објективна истрага и кривично гонење на одговорните“, рече Захарова, според веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, пренесува РИА Новости.
Според неа, прашањата за безбедноста на руските институции во Франција треба да станат предмет на „најголемото внимание на локалните власти“ во согласност со Виенските конвенции за дипломатски и конзуларни односи од 1961 и 1963 година.
Рускиот генерален конзул во Марсеј Станислав Орански претходно денеска за порталот „Марсеј“ изјави дека утринава се случила експлозија во внатрешноста на конзулатот, но дека нема жртви.
Руската надворешна разузнавачка служба претходно соопшти дека Украина би можела да се обиде да ги прекине преговорите за решавање на украинскиот конфликт со извршување терористички напади врз руските дипломатски претставништва во Европа.