Иако многу земји најавуваат забрана за увоз и производство на конвенционални возила како цели за 2030 или 2050 година, Етиопија е првата земја во светот што всушност го забрани увозот на автомобили на фосилни горива и целосно се префрли на електрични возила.
Како што пренесуваат светските медиуми, на крајот на јануари годинава, Министерството за транспорт соопшти дека ќе стапи на сила забраната за увоз на конвенционални возила, додека Владата на Етиопија објави план за увоз на близу половина милион електрични возила и инсталирање на над 2.000 станици за полнење во следните 10 години, објави „Енергетски портал“.
Иако бројот на регистрирани моторни возила во Етиопија е релативно мал (околу 1,2 милиони од 126 милиони луѓе според податоците на Министерството за транспорт за 2020 година), земјата е решена целосно да се префрли на еколошки возила и со тоа да ги намали загадување од сообраќајот.
Дополнителна причина за оваа транзиција лежи во фактот што Етиопија увезува фосилни горива во вредност од околу 6 милијарди американски долари годишно, од кои половина одат за гориво на возилата.
Од друга страна, земјата има екстремно евтина струја (цената на еден kWh е околу еден американски долар за домаќинствата и околу два за индустријата), така што префрлањето на електрични возила е исто така мерка за заштеда.
Речиси 100 отсто од електричната енергија доаѓа од обновливи извори.
Етиопија е многу активна во спроведувањето на енергетската транзиција и во последниве години додаде значителни капацитети на ветер, сончева енергија, геотермална и хидроенергија. Околу 90 отсто од производството на електрична енергија во Етиопија доаѓа од хидроцентралите, додека ветерот и термалните извори обезбедуваат осум, односно два отсто.