Во меѓународна полициска операција се уапсени 24 лица поради дистрибуција на детска порнографија генерирана од вештачка интелигенција (АИ), соопшти денеска Европол.
Операцијата е една од првите од ваков вид, бидејќи вклучува материјали создадени со помош на технологија за вештачка интелигенција, а Европол предупредува дека националните закони за овој вид злоупотреба сè уште не се јасно дефинирани, објави Ројтерс.
Главниот осомничен, дански државјанин, управувал со интернет-платформа на која дистрибуирал материјали што тој самиот ги генерирал користејќи алатки за вештачка интелигенција.
Корисниците ширум светот пристапија до платформата со „симболично онлајн плаќање“.
Во операцијата, предводена од данските власти, учествуваат истражители од 19 земји.
Повеќето од апсењата се извршени вчера, а се очекуваат дополнителни апсења во наредните недели, соопшти Европол.