Од брановидните полиња со лаванда во Прованса до песочните пространства на Нормандија, од скијачките центри на Алпите до пространите улици на Париз, Франција е прекрасна туристичка дестинација, пренесува „Тајм аут“.
Толку многу што државата повторно ја презеде титулата најпосетувана во светот, надминувајќи го сопствениот рекорд од 2024 година од 100 милиони посетители и во 2025 година беше домаќин на неверојатни 102 милиони патници.
Ако ги погледнеме деталите, сите тие посетители генерирале вкупно 743 милиони ноќевања, што претставува зголемување од 7,5 проценти во споредба со претходната година. Ова значи дека приходите од туризам се зголемиле за девет проценти во споредба со 2024 година и за 37 проценти во споредба со 2019 година, достигнувајќи дури 77,5 милијарди евра.
Но, што е тоа во Франција што ѝ овозможи повторно да ја освои оваа титула?
Според „Еуроњуз“, „далекувидната стратегија“ кога станува збор за туризмот му овозможила на секторот да се развива, а притоа да го држи прекумерниот туризам под контрола. Државата, исто така, има корист од регионалната и сезонската разновидност, што значи дека различни дестинации се во центарот на вниманието во различни периоди од годината.
Покрај тоа, Франција има цел да достигне годишен приход од туризамот од 100 милиони евра до 2030 година, но приливот на посетители не е добредојден насекаде.
Во летото 2025 година, жителите на Монмартр, една од најпознатите и најпосетуваните населби на француската престолнина, протестираа против „дизнификацијата“ на областа, велејќи дека е преплавена со автомобили, туристички групи и краткорочно сместување.
Најпопуларната туристичка атракција во областа е базиликата на Светото срце, која ја надмина дури и Ајфеловата кула по број на посетители и сега привлекува 11 милиони луѓе годишно.
Но, не само во Париз ставот во однос на туристите стана помалку гостопримлив. Француската министерка за туризам, Оливија Грегоар во 2023 година повика на подобро управување со протокот на посетители низ Франција, особено на познатите локации како Мон Сен Мишел.
Шпанија е веднаш зад Франција, пречекувајќи 96,8 милиони луѓе во 2025 година, па дури и надминувајќи ја Франција во однос на приходите (и нејзината цел за 2030 година), генерирајќи 105 милиони евра од туризмот.