Странските работници стануваат сè поважни во пополнувањето на празнината на германскиот пазар на трудот создадена со пензионирањето на бејби-бумерите. Во периодот од 2015 до 2024 година, вработеноста на ниво на квалификувана работна сила во Германија се зголеми за 600.000 додека бројот на Германци вработени е во опаѓање.
Дури и со помошни работни места односно работни места кои не бараат формално стручно образование, зголемувањето од повеќе од еден милион работници може да се припише речиси целосно на странските вработени. Ова го открија истражувачите од Институтот за истражување на пазарот на трудот и вработувањето (IAB) во студија објавена во Нирнберг, пренесува Германската новинска агенција.
Разликата помеѓу постарите и помладите генерации
Во 2024 година, во Западна Германија, на секои 100 постари вработени (помеѓу 58 и 62 години), имало 95 помлади (помеѓу 28 и 32 години). Во новите федерални држави (поранешна Источна Германија), тој сооднос беше уште понеповолен само 68 помлади луѓе на 100 постари.
„Во западна Германија, односот на помлади и постари вработени е поповолен, но дури и таму нема да биде можно насекаде целосно да се компензираат пензионерските периоди со вработување на помлади генерации“, рече истражувачот на „IAB“, Холгер Зајберт.
Потребата од поголема имиграција на работна сила
„Имиграцијата на работна сила досега е прениска за да го компензира недостигот на персонал на долг рок“, забележа истражувачката на IAB, Сара Кун. „Особено во источногерманските региони надвор од големите градови, потребна е компензаторна улога на странските работници за да се ублажи идниот недостиг на работна сила.“
Истражувањето јасно покажува дека Германија е сè повеќе зависна од странски работници со цел да одржи функционален пазар на трудот, особено во регионите со изразен демографски пад.