Германскиот политичар Фридрих Мерц предупредува: Ова повеќе не е Америка што ја знаеме!

од Aneta Risteska
34 прегледи

Фридрих Мерц, главниот фаворит за нов германски канцелар, изрази сериозна загриженост за насоката во која се движат САД под вториот мандат на Доналд Трамп.

Говорејќи на собир во Зинген во средата вечерта, Мерц нагласи дека потезите на администрацијата на Трамп драстично ја промениле сликата за Америка.

„Ова веќе не е Америка каква што ја познававме“, предупреди Мерц, осврнувајќи се на големите промени во рамките на федералната влада на САД.

Посебно ја критикуваше постапката на сменување државни обвинители и службеници на Министерството за правда, како и бранот на помилувања на лица осудени на долги затворски казни.

„Ова ќе има сериозни последици за Америка“, додаде тој.

Неговите коментари доаѓаат во време кога администрацијата на Трамп спроведува големи чистки во државните институции. Од инаугурацијата наваму, на сите федерални службеници им биле испратени пораки со понуда за „одложена оставка“, многумина биле сменети од функциите, а отпуштени биле и обвинители поврзани со истрагите за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Истовремено, администрацијата ја замрзнала странската помош и испратила на платено отсуство речиси сите вработени во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Трамп исто така најави амбиции да преземе контрола врз Појасот Газа, Гренланд и Панамскиот Канал, не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена сила.

Германија се подготвува за предвремени избори на 23 февруари, а Мерц се обидува да ја задржи предноста пред крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD).

Милијардерот Илон Маск, кој стана клучна фигура во администрацијата на Трамп, се вмеша во германската политика, отворено поддржувајќи ја AfD. На еден од нивните митинзи ги повика Германците да гласаат за оваа партија, истакнувајќи дека „Германија треба да го остави чувството на вина за злосторствата од минатото зад себе“.

Мерц уште во декември ги осуди коментарите на Маск, нарекувајќи ги „наметливи и претенциозни“, откако сопственикот на Тесла во текст за Welt am Sonntag ја нарече AfD „последната искра на надеж“ за Германија, пренесува Politico.

Photo/Wikipedia

Слични содржини