Преговарачите на климатскиот самит COP27 во Египет мора да го надминат „рушењето на довербата“ меѓу богатите и сиромашните нации за да постигнат договор што ќе го спаси светот од најлошото глобално затоплување.
Тое е предупредувањето на шефот на ОН, Антонио Гутереш. „Ние сме во клучен момент во преговорите“, рече Гутереш додека COP27 се приближува до крајниот рок, до утре, за постигнување договор. „Светот гледа и има едноставна порака: позиционирајте се и испорачајте“, додаде тој.
„Глобалните емисии се на највисоко ниво во историјата – и се зголемуваат. Климатските влијанија ги уништуваат економиите и општествата – и растат. Знаеме што треба да направиме и имаме алатки и ресурси за да го направиме тоа“, рече шефот на ОН.
Шефот на ОН со својот говор сака да ги приближи преговарачите кои се заглавени по низа прашања – од тоа дали треба да се формира фонд за компензација на сиромашните нации за веќе видливата климатска штета околу употребата на фосилни горива .
Богатите земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, се спротивставија на создавање нов фонд за поддршка на земјите во развој погодени од климатските промени, плашејќи се дека тоа би можело да ги изложи на неограничена одговорност за нивниот историски придонес во емисиите на стакленички гасови.
Гутереш рече дека се надева оти преговарачите ќе ги премостат разликите во однос на загубата и штетата на начин што ќе ја одрази „итноста, опсегот и огромните предизвици со кои се соочуваат земјите во развој“. „Никој не може да го негира обемот на загубите и штетите што ги гледаме ширум светот“, рече тој. „Светот гори и тоне пред нашите очи“, нагласи тој.
Гутереш ги повика земјите да направат повеќе за намалување на штетните емисии со цел да се постигне меѓународната цел поставена на минатите климатски самити – да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, вклучително и ограничување на употребата на фосилни горива.
Тој ги повика развиените земји да го исполнат своето претходно ветување да обезбедуваат 100 милијарди долари годишно за да им помогнат на сиромашните земји да се прилагодат на климатските промени и транзицијата кон чиста енергија.