Италијанската полиција денеска соопшти дека 27 лица се уапсени во паневропска операција против две групи дилери на дрога, од кои едната користела мигранти како курири.
Осомничените се уапсени во Италија, Албанија и Шпанија, се наведува во соопштението на италијанските карабинери, пренесува Ројтерс.
Дваесет од уапсените се задржани во притвор, додека на седуммина им е одреден домашен притвор, се додава во соопштението.
Група предводена од Нигеријци користела млади баратели на азил или бегалци од Нигерија за транспорт на марихуана низ Италија и Европа, соопшти италијанската полиција.
Терминалот за автобуси кои патуваат до далечни дестинации, во близина на римската железничка станица Тибуртина, „се користел како национален и меѓународен тријажен центар за шверц на дрога“.
Куририте биле регрутирани од прифатен центар за мигранти на периферијата на Рим, кој се користел како магацин за дрога.
Друга група, предводена од Албанци, увезувала марихуана во Италија, користејќи брзи чамци преку Јадранското Море, за да ја продава на нигериски дилери на дрога, пренесува Танјуг.
Некои од осомничените Албанци се товарат и за тешка изнуда против нигериски купувачи кои доцнеле да платат за набавка на дрога, додаде италијанската полиција, пренесува Танјуг.