Со помош на вештачката интелигенција, научните проекции даваат застрашувачки поглед на иднината на планетата до крајот на овој век. Според „Дејли Мејли“, истражувачите го користеле генераторот на слики со вештачка интелигенција „ImageFX“ на „Google“ за да создадат визуелизации на светот во 2100 година, врз основа на тековните научни податоци. Резултатите се алармантни: многу градови би можеле да исчезнат под вода, смртоносните топлотни бранови би однеле милиони животи, а екстремните временски услови би станале секојдневна појава.
Професорката Џулијан Строу, климатолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон, нагласува дека најголемите предизвици со кои ќе се соочиме се зголемувањето на нивото на морето и сè почести временски непогоди.
„Ситуацијата ќе стане посериозна ако не ги намалиме емисиите на стакленички гасови“, предупредува таа.
Зголеменото ниво на јаглерод диоксид и метан во атмосферата делува како покривка – ја задржува топлината и ги зголемува глобалните температури. Службата за климатски промени Коперник утврди дека 2024 година била најтоплата година забележана досега, со просечна температура од 15,1 Целзиусови степени.
Доколку емисиите на гасови во атмосферата останат на сегашните нивоа, се предвидува дека температурата ќе се зголеми за 2,7 степени во умерени сценарија, додека во најлош случај може да достигне пораст од дури 4,4 степени Целзиусови.
Ова зголемување на температурата го забрзува топењето на глечерите. Арктичкиот летен морски мраз би можел да исчезне многу пред 2100 година, додека глечерите на Алпите би можеле да изгубат до 75 отсто од својот волумен во сценарио со високи емисии.
Според истражувањето на технолошкиот универзитет Нанјанг во Сингапур, нивото на морето би можело да се зголеми за 1,9 метри, што ќе потопи делови од Лондон, Кардиф и Њујорк, па дури и одморалиштето на американскиот претседател Доналд Трамп, Мар-а-Лаго.
Мега-урагани, пожари и загадување на воздухот
До крајот на векот, светот ќе се соочи со драстично зголемување на екстремните временски настани. Д-р Сузан Бартингтон, професорка по здравје на животната средина на Универзитетот во Бирмингем, истакнува дека климатските промени значително ја зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на топлотните бранови, пожарите, сушите и обилните врнежи од дожд, што ќе има сериозни последици по здравјето на луѓето.
Промените во атмосферата ќе овозможат задржување на повеќе водена пареа, што ќе доведе до почести и пообилни врнежи.
Британската метеоролошка служба предвидува дека до 2100 година временските непогоди слични на највлажниот ден во историјата ќе станат десет пати почести. Во исто време, некои области ќе бидат погодени од невидени суши. Во Велика Британија, летните врнежи се очекува да се намалат за 47%, додека зимските врнежи може да се зголемат за 35%.
Потоплите океани ќе овозможат формирање на посилни бури. Научниците предупредуваат на појава на „мега-урагани“ кои би ја надминале скалата Сафир-Симпсон и би достигнале 6-та категорија, со ветрови посилни од 309 километри на час и бранови кои се зголемуваат над 7,5 метри.
Додека некои области ќе бидат погодени од невреме, други ќе страдаат од се почести пожари.
Знаците за овој тренд се веќе видливи – пожарите во Лос Анџелес на почетокот на 2025 година однесоа десетици животи и уништија повеќе од 10.000 домови. Повеќе од 100.000 луѓе беа принудени да се евакуираат. Проценките за вкупната економска штета се движат меѓу 250 и 275 милијарди долари.
Светската метеоролошка организација проценува дека зачестеноста на екстремните пожари ќе се удвои до крајот на векот.
Покрај физичките катастрофи, се поголема закана станува и загадувањето на воздухот. Според студијата објавена во „Nature Climate Change“, комбинацијата на климатските промени и загадувањето на воздухот може да предизвика дополнителни 260.000 смртни случаи годишно до 2100 година. Нивото на загаденост на воздухот во многу градови ширум светот веќе е далеку над безбедните граници, а се очекува ситуацијата да се влоши уште повеќе.
Грозна прогноза за човештвото
Комбинацијата на топлотни бранови, загадување на воздухот, суши и екстремни временски услови може да резултира со изгубени милиони животи до крајот на овој век. Студијата објавена кон крајот на минатата година сугерира дека смртоносните температури може да го зголемат бројот на смртни случаи во Европа за 50 проценти. Дури и во најоптимистичкото сценарио, дополнителни 8.000 луѓе ќе умираат годишно од ефектите на топлотните бранови, додека во најлош случај таа бројка може да достигне 80.000.
Научниците од Институтот Макс Планк во Минхен проценуваат дека комбинацијата на загадениот воздух и екстремните температури може да предизвика дополнителни 30 милиони смртни случаи до крајот на векот.
Иако овие предвидувања се застрашувачки, научниците велат дека сè уште имаме шанса да ја промениме судбината на планетата. Намалувањето на емисиите на стакленички гасови и инвестирањето во чисти технологии може да ги спречи најлошите сценарија и да обезбеди одржлива иднина.
„Ако дејствуваме сега, можеме да ги ублажиме најлошите влијанија од климатските промени, но времето истекува“, предупредува професорот Стров.