Кина е убедлив глобален лидер во областа на развојот на обновливите извори на енергија, која, според неодамна објавените проценки на организацијата „Глобал енерџи монитор“, гради речиси две третини од новите соларни електрани и ветерни електрани.
Покрај тоа што се рангира значително подобро од другите земји во енергетската транзиција, таа всушност ги надминува и сопствените планови.
Имено, во јули 2024 година, Кина стигна до важна точка на својот пат кон позеленување на производството на електрична енергија: сончевиот и ветерниот капацитет надмина 1.200 гигавати.
Но, што ја прави оваа бројка толку клучна?
Тоа е цел која првично беше поставена да се постигне до 2030 година.
Сепак, судејќи според соопштението на Националната управа за енергетика, тоа веќе се случи кон средината на оваа година. Значи, речиси шест и пол години пред крајниот рок што го постави кинескиот претседател Си Џинпинг во декември 2020 година.
Минатиот месец, нацијата додаде 25 гигавати панели и турбини, со што вкупниот капацитет на соларни и ветерни електрани достигна 1.206 гигавати, пишува Блумберг.
Забрзаниот развој на обновливите извори на енергија би можел да и овозможи на Кина да постигне уште една цел пред предвиденото. Станува збор за врвот на штетните емисии, исто така планиран за крајот на деценијата. Додека јаглеродната неутралност е планирана за 2060 година.
Иако е рекордер во напредокот на чиста енергија, мора да потсетиме дека оваа азиска земја е носител и на некои не толку славни титули во ерата на климатските промени. Кина е најголемиот светски емитер на јаглерод диоксид, гас кој ја загрева атмосферата, како и најголем светски потрошувач на јаглен.
Колку долго ќе ги извршува лидерските позиции, останува да видиме.
Во меѓувреме, повеќе добри вести за Кина доаѓаат од Центарот за истражување на енергија и чист воздух: во првата половина на 2024 година, земјата издаде 80% помалку дозволи за електрани на јаглен во споредба со првата половина од минатата година.
Без оглед на експанзијата на соларната и ветерната енергија, нивниот удел во производството на електрична енергија годинава е само 14%, а термоелектраните на јаглен сè уште доминираат во енергетскиот микс со учество од повеќе од половина.