Кинескиот лидер конечно го прекина молкот за царините: „Никогаш нема да ѝ се предадеме на американската тиранија“

од Milan1
60 прегледи

Кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди дека неговата земја „никогаш нема да попушти пред неразумното однесување“. Според „South China Morning Post“ (SCMP), Си му рекол на шпанскиот премиер Педро Санчез дека Европската унија треба да и помогне на Кина да се спротивстави на „едностраната царинска тиранија“ воведена од американскиот претседател Доналд Трамп.

Си ја даде изјавата за време на неговиот прв состанок со странски лидер од почетокот на трговските тензии меѓу Пекинг и Вашингтон.

Тој нагласи дека Кина и европскиот блок мора да преземат меѓународна одговорност и „заеднички да се спротивстават на едностраната тиранија“ што произлегува од новововедените американски царини. Според „SCMP“, тој индиректно укажал на непредвидливата политика на Доналд Трамп, која предизвика нестабилност на глобалните финансиски пазари.

Американскиот претседател воведе царина од 145 отсто за кинескиот увоз, што ја зголеми ефективната стапка на царината на приближно 156 отсто, според порталот. Кина одговори со зголемување на тарифите за американските стоки прво на 84 отсто, надминувајќи ги и претходно воведените царини. Во петокот беше објавено дека Кина ќе ги зголеми тарифите за американскиот увоз на 125 проценти почнувајќи од сабота.

„Нема победник во царинската војна, а кој ќе му се спротивстави на светот ќе заврши во изолација. Повеќе од седум децении, растот на Кина беше поттикнат од самодовербата и напорната работа што никогаш не зависела од милоста на другите, ниту пак некогаш ќе попушти на неоправданиот притисок. Кина ќе ја задржи својата решителност во сите околности и ќе се фокусира на на ефикасно решавање на проблемите“, рече Џинпинг.

Американски министер: Кој соработува со Кина, си го сече гркланот

Посетата на шпанскиот премиер на Пекинг доаѓа во тежок момент и за Европа и за Кина. Тарифите објавени минатата недела од американскиот претседател – тогаш суспендирани за повеќето земји освен Кина може да доведат до тоа ЕУ да бара проширување на трговијата со Кина. По САД и ЕУ, Кина е трет најголем потрошувачки пазар во светот.

Владата на Педро Санчез објави дека Шпанија сака да ги прошири своите економски врски со Кина. Тарифите на Трамп би можеле да погодат дури 80 отсто од шпанскиот извоз.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во вторникот го предупреди Мадрид да не прави отстапки за Кина, велејќи дека Шпанија или која било друга земја што ќе се обиде да се приближи до Кина ќе си го „пресече гркланот“ бидејќи кинеските производители се обидуваат да продаваат стоки што не можат да ги продаваат во САД.

Шпанскиот министер за земјоделство Луис Планас изјави дека проширувањето на трговските односи што Шпанија го постигнува со другите земји „не е насочено против никого“. „Секој мора да ги брани своите интереси“, рече Планас, кој го придружуваше Санчез во Пекинг.

Слични содржини