Командантката на американската воена база во Гренланд не се согласи со ставот на Трамп кон таа земја, тој ја смени

од Milan1
146 прегледи

Американската воена команда ја разреши полковничката Сузана Мајерс од командата со базата „Питуфик“ во Гренланд, поради, како што се наведува, „губење на доверба во нејзината способност за лидерство“.

Нејзиното отстранување следи откако испратила интерна е-порака до персоналот, во која се дистанцирала од критиките на потпретседателот Џеј Ди Венс кон Данска за, наводно, недоволна грижа за безбедноста на Гренланд. Пентагон ја потврди автентичноста на пораката и оцени дека таквото дејствување го поткопува синџирот на команда и политиката на администрацијата на Доналд Трамп.

Во пораката, Мајерс напишала дека изјавите на Венс не го отсликуваат ставот на базата и дека не сака да се вклучува во политички дебати. Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, директно ја поврза пораката со нејзиното разрешување, наведувајќи дека Министерството за одбрана нема да толерира постапки кои ја поткопуваат агендата на претседателот. Нејзиното место го зазеде полковник Шон Ли, поранешен командант на база на американските воздушни сили на Алјаска.

Посетата на Венс на крајот од март предизвика дипломатски немир. Тој не само што ја критикуваше Данска, туку и повторно ја изрази поддршката за идејата на Трамп за анексија на Гренланд, што беше дочекано со одбивност и од Копенхаген и од Нуук. Данската премиерка Мете Фредериксен, заедно со гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен, му порачаа на Трамп дека „не можете да анектирате други земји“, истовремено нудејќи поголема безбедносна соработка со САД во Арктикот.

Гренланд, како автономна територија под данска власт, има стратешко значење поради својата географска положба, особено за одбраната на Северна Америка. Американската база „Питуфик“ има суштинска улога во мониторингот на евентуални ракетни напади преку Арктикот.

Иако жителите на Гренланд долго се стремат кон независност, анкетите покажуваат дека не сакаат нивната земја да стане дел од САД. Правото на референдум го имаат од 2009 година, но засега останува неизвесно дали и кога ќе се одлучат на тој чекор.

Слични содржини