Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба по средбата со рускиот колега Сергеј Лавров изјави дека „разговорите биле тешки“, но и повторил дека Украина нема да се предаде.
Разговорите се одржаа во Анталија во присуство на турски колега и траеја час и половина.
Сепак, Кулеба рече дека не е постигнат договор за прекин на огнот и дека средбата била тешка.
Според него, тој имал две барања во преговорите: хуманитарен коридор до и од Мариупол, како и 24-часовно примирје за да се решат сите итни прашања.
„Што се однесува до првиот, постои надеж дека хуманитарните коридори ќе почнат со работа. Не можеме да ја запреме војната ако земјата што ја изврши агресијата, нападот, нема желба за тоа“, рече Кулеба.
Тој додаде дека не е можно да се постигне договор за прекин на огнот и дека прекинот на огнот на Русија е поврзан со барањата на Путин кон Украина.
Дополнително, според министерот, била покрената и темата за нуклеарната безбедност.
„Одговорив дека пред доаѓањето на руските војници се беше во ред со украинските нуклеарни централи. Тоа што велат дека наводно се развива нуклеарно оружје во Украина лажат. Најдоброто нешто што Русија може да го направи сега е да ја повлече својата војска од нуклеарните централи на Украина. Тогаш се ќе биде во ред“ рече тој.
Тој повтори дека Украина нема да се предаде.
„Украина не се предаде, не се предава и нема да се предаде. Подготвени сме за дипломатија, бараме дипломатско решение, но засега несебично ќе ја браниме нашата земја од руска агресија“, изјави шефот на дипломатијата.