Лавров пристигна на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20

од Aneta Risteska
69 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска се сретна со својот кинески колега Ванг Ји на маргините на Советот на министри за надворешни работи на Г20, при што разговараа за односите со Соединетите Американски Држави и кризата во Украина, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Се одржа темелна размена на мислења за глобални и регионални прашања, вклучително и за евроазиската безбедност, ситуацијата на Блискиот Исток и во азиско-пацифичкиот регион, односите со Соединетите Американски Држави и кризата во Украина“, се вели во соопштението на руското министерство.

Министерството истакна дека состанокот на министрите се одвивал продуктивно и во дух на заемна доверба, пренесува РИА Новости.

Лавров пристигна во Јоханесбург на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Групата дваесет (Г20), кој започна денеска.

При влегувањето во салата, Лавров се ракуваше со неколку свои колеги, вклучително и со норвешкиот министер за надворешни работи, Еспен Барт Еиде. Според руските медиуми, тој е сместен меѓу министрите за надворешни работи на Турција и Јужна Кореја, Хакан Фидан и Чо Тае-јул.

Како што претходно соопшти руското Министерство за надворешни работи, Лавров ќе се обрати на пленарните седници, каде што ќе даде детална анализа на меѓународната ситуација.

Рускиот дипломат, исто така, планира низа билатерални средби со своите колеги на маргините на состанокот.

Јужноафриканската Република го презеде претседавањето со Г20 од Бразил на 1 декември и ќе го предаде на Соединетите Американски Држави кон крајот на ноември.

Јужноафриканското претседателство се одвива под мотото: „Солидарност, еднаквост и одржлив развој.“

Слични содржини