Лицата од ранливите категории остануваат приоритет на социјалните политики и во 2023 година

од Radmila Tasevska
160 прегледи

Лицата од социјално ранливите категории ќе останат во фокусот при евентуални нови мерки за справување со енергетската и економската криза и во наредната година. Засега нема конкретен одговор дали вакви мерки ќе има, но не е исклучена можноста тоа да се случи напролет.

Во оваа насока се и проекциите на буџетот за 2023 година, кој веќе е усвоен и ја помина собраниската процедура. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во неодамнешно телевизиско гостување кажа дека се одвоени околу 250 милиони евра за справување со кризата, но не се знае колкав процент од овие предвидени средства ќе се насочат за мерки за социјално ранливите категории, а колку кон стопанството.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска кажа дека вкупниот Предлог буџет на Министерството за труд и социјална политика, за 2023 година изнесува 858,3 милиони евра и покрива широка лепеза на права од социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување, мерки за невработени и за вработување, односно ги адресира потребите на ранливите категории на граѓани.

Инаку, во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година проектирани се 203 милиони евра за поддршка за ранливи категории на граѓани, за навремени исплати на правата од системот на социјална заштита за граѓаните кои се во социјален ризик, но во овој износ не влегуваат евентуалните дополнителни мерки.

Министерката Тренчевска истакна дека системот на социјална заштита има капацитет да ги апсорбира сите семејства во социјален ризик.

„Во моментов имаме околу 36.000 домаќинства- приматели на Гарантирана минимална помош (ГМП), 30.082 деца опфатени со образовен додаток и 47.114 деца – детски додаток, согласно последната исплата. Ги мапиравме најранливите граѓани во моментов и обезбедивме финансиска поддршка за полесно справување со енергетската криза“, истакна Тренчевска.

Таа информираше и дека за социјални услуги се обезбедени дополнителни 5.5 милиони евра повеќе од 2022 година односно вкупно 7.8 милиони евра.

Од друга страна, Министерството за економија исто така најави повисоки буџетски средства за социјално ранливите категории. Минситерот Крешник Бектеши напомена дека во делот на енергетиката ќе се реализира Програма за заштита на ранливите потрошувачи на енергија. Тој истакна дека обезбедени се 3,2 милиони евра за реализација на мерки за справување со енергетската криза и поддршка на домаќинствата и компаниите за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Ова е, како што посочи, речиси трипати повеќе од средствата предвидени во 2022 година за оваа намена од 1,1 милион евра.

Како што додаде, Министерството и во 2023 година ќе доделува финансиска поддршка за лица со ниски примања, а воедно оваа програма ќе се прошири со други социјално ранливи категории на лица како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.

Во меѓувреме, покрај мерките, премиерот Димитар Ковачевски најави и зголемување на материјалните права на граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита.

-Во ниту еден момент, ниту една категорија граѓани не беше оставена настрана, туку напротив, високо на листата приоритети ни беа и остануваат, материјалните права на ранливите категории граѓани, самохраните родители, социјалните случаи, лицата со инвалидитет, пензионерите и останатите групи граѓани. Со буџетот на МТСП за 2023 година, обезбедуваме достапност на социјалните услуги, но и зголемувањето на материјалните права на пензионерите и граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита, рече Ковачевски.

Тој најави дека покрај правата од социјална заштита, ќе се зајакнат и социјалните услуги за граѓаните на кои помошта им е неопходна.

-Во Буџетот за 2023 година, издвоивме трипати повеќе средства за услугите: помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување, лица со попреченост, стари лица, бездомни лица, рече премиерот.

Досега, со двата антикризни пакети од 2022 година беа опфатени 600.000 граѓани кои имаат ниски приходи или ранливост. Во март оваа година беа опфатени и сите 330.000 пензионери со финансиска поддршка од 3000 ден. Со 3000 денари исто така беа помогнати и примателите на гарантирана минимална помош. Со Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза на овие граѓани им се исплаќаат по 3.000 денари месечно или вкупно 12.000 денари за 4 месеци.

Слични содржини