Најпосетениот музеј во светот, дом на славната слика „Мона Лиза“ од Леонардо да Винчи, побара итна помош од француските власти за обновување на дотраените изложбени простории и за подобрување на заштитата на безбројните уметнички дела што ги чува, пишува CNN.
Директорката на Лувр, Лоренс де Кар, во писмо до министерката за култура, Рашида Дати, предупреди дека вековната палата е во лоша состојба. Посочи на протекувања, како и на загрижувачки температурни промени што го загрозуваат зачувувањето на уметничките дела.
Изграден во 12 век, Лувр некогаш бил резиденција на француските кралеви, сè до преместувањето на дворот во Версај од страна на Луј XIV. Во 1793 година, палатата е трансформирана во музеј што ја чува кралската уметничка колекција.
Проблем претставува и стаклената пирамида на западниот влез, чиј „ефект на стаклена градина“ создава голема топлина во лето. Минатата година, низ овој влез влегле 8,7 милиони посетители, иако музејот е дизајниран за четири милиони годишно.
Де Кар истакнува и недостатоци како што се мал простор за одмор на посетителите, недоволна понуда на храна, лоша сигнализација и ограничен број тоалети.
Во 2018 година, Лувр забележа рекордни 10,2 милиони посетители. За да се избегнат преголеми гужви, бројот на дневни посети е ограничен на 30.000.
Иако финансиските детали за реновирањето не се прецизирани, француската телевизија BFM проценува дека проектот би можел да чини околу 500 милиони евра. Во тек се разговори меѓу кабинетот на претседателот Макрон, Министерството за култура и раководството на Лувр.
Дополнително, се разгледува изградба на ново крило за „Мона Лиза“ и источен влез за да се намали оптовареноста на пирамидата.