Мотивот за масовното убиство во Шведска останува мистерија

од Aneta Risteska
144 прегледи

Шефот на полицијата во Оребро, Шведска, Роберто Еид Форест, изјави дека сè уште не е познат мотивот за пукањето во училиште за возрасни, во кое загинаа најмалку 11 лица, а неколку други беа повредени, и дека не се идентификувани сите жртви.

Тој на прес-конференција рече дека сторителот не и е познат на полицијата и нема врска со криминални групи и дека нема ништо што укажува дека делото го извршил од идеолошки причини, пренесува шведскиот јавен сервис СВТ.

Сторителот бил на возраст од 35 години и немал никакви приходи. Влегол во училиштето вооружен со ловечка пушка, дознава СВТ.

Полицијата претпоставува дека тој дејствувал сам, иако не ја исклучуваат можноста да имало и други лица, пренесува Танјуг.

Тој рече дека полицијата се уште „целосно“ не ги идентификувала сите жртви, а нема нови информации за бројот на загинати и повредени во престрелката што се случи во училиштето за возрасни Кампус Рисбергска.  Додаде дека бројот на загинати останува 11.

„Секој кој бил присутен во училиштето или има снимка од инцидентот е повикан да контактира со полицијата“, рече Форест на прес-конференција.

Во исто време, во центарот на Оребро се одржа информативна средба за семејствата на жртвите, на која беа презентирани плановите за понатамошна идентификација.

Денеска, шведскиот крал Густаф и кралицата Силвија го посетија Оребро, оддавајќи им почит на жртвите во училиштето, додека премиерот Улф Кристерсон и министерот за правда Гунар Штромер го посетија градот.

Полицијата во моментов ги истражува околностите на инцидентот, а според информациите од надлежните, полициските службеници кои први пристигнале на лице место забележале дека е пукано кон нив, но нема повредени полицајци, јавува Танјуг.
Како што беше претходно објавено, во моментов е познато дека шестмина од повредените се примени во Универзитетската болница во Оребро и се во стабилна состојба, а две лица се на интензивна нега.

Слични содржини