Непознати сторители запалиле осум контејнери во Ново Лисиче и Ѓорче Петров

од Hristina Nikolovska
134 прегледи

Од Град Скопје информираат дека во текот на изминатата ноќ непознати сторители запалиле осум контејнери за одлагање смет што беа поставени во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче, со што е предизвикана голема материјална штета, а од огнот се оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад.

Според информациите од ЈП „Комунална хигиена“, два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 кубни метри биле опожарени во текот на изминатата ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров. Во истиот период се запалени и шест пластични контејнери од 1,1 кубен метар во населбата Ново Лисиче.

Ваков инцидент се случи и изминатиот викенд, кога во скопската населба Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло. Претходно, еден нов контејнер беше опожарен и на улицата Франклин Рузвелт. – велат од Град Скопје.

Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање отпад се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите. Опожарените контејнери на улицата Ѓорче Петров се веќе заменети со нови. – информираат надлежните.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваат граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти.