Околу 6.500 руски туристи не можат да се вратат дома поради санкциите

од Маја Анчевска
233 прегледи

Руски туристи во Тајланд се најдоа во незавидна положба поради војната во Украина и санкциите воведени кон Русија, бидејќи многумина не можат да ги платат трошоците или да се вратат дома поради откажаните летови.

Околу 6.500 руски туристи остануваат „заглавени“ во провинциите Пукет, Сурат Тани, Краби и Патаја, популарни туристички одморалишта на морето, заедно со илјада Украинци, изјави вчера за АП Јутасак Супасорн од тајландскиот туристички одбор. Јуташак рече дека Русите се соочуваат со два проблеми: откажување летови и финансиски услуги.

-Има некои авиокомпании кои сè уште летаат за Русија, но патниците мора да одат во друга земја пред тоа. Се обидуваме да го координираме сето ова и да најдеме летови за нив – рече Јуташак и додаде дека властите се обидуваат да најдат алтернативни начини на плаќање за руските туристи.

Сивапорн Бунруанг, преведувач на Русите во Краби, рече дека некои не можеле да ги платат сметките бидејќи повеќе не можат да користат кредитни картички Visa или Mastercard. Таа додаде дека многумина имаат готовина и дека оние со картички UnionPay, издадени од кинеска компанија, сè уште можат да ги платат трошоците.

Тајландската влада им понуди на руските туристи продолжување на визата за 30 дена и се обидува да им најде поевтино алтернативно сместување.