Соларната централа за електрична енергија може да придонесе за зголемување на биодиверзитетот. Ова можеме да го видиме во примерот од блиската Унгарија, каде што птиците, лилјаците и ретки видови растенија се населиле во соларниот парк Лумен.
Соларната електрана во градот Солнок на Тиса, со капацитет од 138 MW, е една од најголемите во Унгарија и произведува речиси половина од електричната енергија годишно што ја користи населението во округот Јас-Накун-Солнок. Благодарение на централата, секоја година се избегнуваат емисии на 39 илјади тони јаглерод диоксид во атмосферата. Тоа е три пати повеќе отколку што апсорбира тамошната шума.
Покрај тоа што е корисна во борбата против климатските промени, оваа соларна централа придонесува и за богатството на биодиверзитетот.
Имено, станува збор за „првата соларна централа која е пријателски настроена кон природата во Централна и Источна Европа“, велат од компанијата SolServices која ја развивала и финансирала централата. За време на изградбата, која започна во летото 2021 година, компанијата го ревитализираше земјиштето исцрпено од децениското користење во земјоделското производство.
Но, дури и надвор од тоа… Авторите на проектот се потпираа на современи методи за одржливост и пристапи погодни за животните и растенијата. Птиците, инсектите, па дури и лилјаците можат да најдат засолниште и храна меѓу над 200 илјади панели лоцирани на површина од 180 хектари.
Денес можеме да ги видиме плодовите од нивната работа.
Како што пишува порталот ReNews.biz, резултатите од теренот покажуваат дека во споредба со основните и контролните истражувања, различноста на популацијата на птиците по изградбата се зголемила. Ова делумно се припишува на фактот што соларната фарма служи како извор на храна за разлика од големите полиња.
За време на минатогодишното набљудување, забележани се 697 единки од вкупно 23 видови птици, вклучително и некои нови видови за областа, како што се сината волка, црноглавата страчка и габарот.
Исто така, се нагласува дека соларната централа не влијаела на успехот на гнездење на златниот орел и степскиот сокол, додека појавата на обичната ѕулица и ветрушка значително се зголемила.
Низ соларната електрана, птиците можат да најдат вештачки гнезда и куќи прикачени на структурите што ги држат панелите. Сепак, постои и независен комплекс на „станови“ (прикажано на фотографијата подолу) каде што животните исто така можат да најдат засолниште.
Покрај напредокот на фауната, скокнал и бројот на растителни видови во 2023 година во однос на почетната состојба, пренесува веќе споменатиот портал.
Подрачјето што некогаш се користело за земјоделство денес има речиси природно живеалиште, а на тоа укажува и спонтано формирање на вегетативна покривка која опфаќа некои ретки растенија.
За борба против плевелот и инвазивните видови минатата година беше посеана специјална мешавина на семиња која ќе поттикне натамошно зголемување на богатството и разновидноста на видовите, а истовремено ќе ги потисне непожелните.
Користејќи го примерот од блиската Унгарија, гледаме како зелената енергија не ја исклучува грижата за биолошката разновидност. Напротив…
Компанијата SolServices, во соработка со експерти, дури објави публикација која може да им помогне на другите заинтересирани професионалци да ги следат нивните стапки и да развијат соларни централи од следната генерација, позитивни и за климата и за природата.