Папата Франциско денеска испрати порака по повод Меѓународниот ден на молитва и свесност против трговијата со луѓе, во која ги поздравува напорите на сите кои се борат против овој облик на модерно ропство.
Во пресрет на Меѓународниот ден, кој се слави на 8 февруари, тој ги повика католиците и сите луѓе со добра волја да придонесат во борбата против експлоатацијата на ранливите и загрозени категории на луѓе, пишува Vatican News.
Истакнувајќи дека оваа јубилејна година за Римокатоличката црква е посветена на темата на надежта, Папата истакна дека мора да се запрашаме како да ја поттикнеме таа надеж за милиони луѓе заробени во различни форми на модерно ропство.
„Каде можеме да најдеме нова сила за борба против трговијата со органи, сексуалната експлоатација на деца, принудната работа, проституцијата, трговијата со дрога и оружје“, праша Папата, додавајќи дека Исус е единствениот вистински извор на надеж и сила за оние кои се жртви на трговија со луѓе, како и за сите кои се борат против ова зло.
Поглаварот на Римокатоличката црква особено ја пофали работата на многу млади луѓе ширум светот кои докажуваат дека може да се биде на страната на жртвите, пренесува Танјуг.
„Со Божја помош можеме да спречиме навикнување на неправди и мислата дека некои појави не можат да се искорени“, рече Папата.
Според него, трговијата со луѓе е комплексен феномен кој постојано се развива, поттикнат од војните, гладот и последиците од климатските промени. Папата Франциско заклучи дека одговорот на овој феномен мора да вклучува обединети, глобални напори координирани од меѓународните организации.