Парите од нафтата Гвајана ги дели на граѓаните, секој ќе добие по 450 евра

од Milan1
44 прегледи

Гвајана, земја која доживува невиден економски подем, реши да ги распредели приходите од своето големо нафтено богатство на жителите.

Без разлика дали живеат во државата или во странство, сите лица над 18 години ќе добијат по околу 450 евра, односно грант од 100 илјади гвајански долари, а тие што се во странство ќе мора да се вратат во земјата за да си ги подигнат парите. За да се добие помошта треба да се приложи само валиден пасош или лична карта.

Прво било планирано пари да добие секое домаќинство во земјата и тоа во висина од 200.000 гвајански долари, што е еднакво на околу 890 евра. Планот е сменет откако дел од жителите забележале дека така некои ќе бидат изоставени, вклучувајќи ги и младите луѓе кои не основале семејства, пишува „Гардијан“.

-Неколку луѓе ѝ укажаа на мојата влада за компликациите што се можни, како и за стравот да не бидат изоставени. Давањето пари по лице го решава проблемот на младите луѓе кои мислеа дека нема да имаат корист од овие субвенции за домаќинствата, бидејќи не се самите глава на семејството, рече претседателот на Гвајана, Ирфан Али.

Со популација од 800.000 жители и дијаспора од 400.000, ова ќе биде голема исплата, но властите не се загрижени, зашто Гвајана доживува историски економски раст, трипати зголемен во последниве пет години, од крајот на 2019 година кога почнало вадењето на нафта.

Долги години, БДП на Гвајана беше еден од најниските во регионот, но по откривањето на огромни резерви на нафта на брегот на Атлантскиот Океан на земјата, во 2015 година, таа стана една од најбрзорастечките економии во светот. Само во првата половина од минатата година реалниот БДП на Гвајана порасна за без малку 50 проценти.

-Ако не сте го доживеале тоа што го доживеавме ние, нема да можете да разберете што значи овој неверојатен раст. Факт е дека ни треба повеќе време за да го претвориме економскиот раст во подобар квалитет на живот за луѓето, но веќе е забележливо дека тој полека се претвора во инфраструктура, проекти и системи кои на граѓаните би можеле да им овозможат подобар животен стандард, вели за „Гардијан“, Алекс Грејем, медиумски аналитичар и претприемач од Гвајана.

Според него, овие државни субвенции ќе останат контроверзни, но има многу луѓе за кои тие претставуваат значителен паричен тек.

-Субвенциите ќе им овозможат значителна поддршка на семејствата и селата, со тоа што ќе им ја дадат потребната финансиска стимулација за основните потреби на домаќинствата, рече наставникот Кијану Томас.

И Ричард Рамбаран, истакнат економист и извршен директор на Стопанската комора на Џорџтаун, ја опишува паричната помош како „многу корисна“ за Гвајана, и покрај загриженоста за потенцијалното влијание врз инфлацијата.

Ганеш Махипол, пратеник на опозициската коалиција во Гвајана, тврди дека оваа исплата треба да биде една од многуте, со цел праведно да се подели неверојатните 56,5 милијарди евра од нафтениот приход објавен од владата во 2022 година.

Слични содржини