Писториус: „Таурус“ нема да го реши конфликтот во Украина

Постојат и нагаѓања дека зад ваквиот став на канцеларот стои недовербата кон властите во Киев зашто се плаши дека тие сепак би можеле да гаѓаат цели во Русија

од Бети Божиноска
223 прегледи

Никој не сака да испрати војници во Украина, секоја дискусија за тоа треба да се прекине, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, на заедничката прес-конференција со неговиот фински колега Анти Хаканеномом.

Снабдувањето на Украина со ракети со долг дострел, вклучувајќи ги и германските „таурус“, нема да биде одлучувачко во конфликтот во Украина, смета Писториус . Според германскиот министер, таквите проектили „би можеле да помогнат во одредени моменти“ на фронтот, но Германија нема намера да ја премине црвената линија и не е подготвена да испорача ракети „таурус“ во Киев.

Што се однесува до испраќањето војници во Украина, „никој не сака да го направи тоа“, истакна Писториус. „Дискусијата за ова продолжува и треба да се прекине“, додаде германскиот министер, а пренесува телевизијата „Феникс“.

По протечениот разговор на офицерите на Бундесверот за нападите на мостот на Крим, и германскиот канцелар Олаф Шолц уште еднаш се изјасни против испораката на крстосувачки ракети „таурус“ во Украина.

Како што објасни Шолц, контролирањето на употребата на овие ракети би вклучило учество на германски војници, што би било преминување на „црвените линии“ и би ја направило Германија директен учесник во конфликтот.

„Не можете да испорачате систем на оружје што има многу долг дострел без да размислувате како ќе се контролира тој систем. Ако сакаме да имаме контрола, а тоа може да се направи само ако учествуваат германски војници, тогаш тоа за мене не доаѓа предвид “, рече Шолц во една дискусија.

Но шефот на германското воено воздухопловство, генералит Инго Герхарц, во разговор со уште тројца офицери на Бундесверот, рече дека тоа може да го прават и украинските војници по неколкумесечна обука.

Постојат и нагаѓања дека зад ваквиот став на канцеларот стои недовербата кон властите во Киев зашто се плаши дека тие сепак би можеле да гаѓаат цели во Русија со оглед на тоа дека дметот на „таурус“ е 500 км, па во потенцјален ризик би се довела Москва.

Ниту коалициските партнери на канцеларот не се обидуваат да го сокријат противречностите. Така, Мари-Агнес Штрак-Зимерман, експерт за одбранбени прашања кај германските либерали (ФДП), изјави за ЗДФ дека со објавувањето на прислушуваниот разговор, аргументот на Шолц за отфрлање на испораката пропаднал.

Таа е единствената членка на Либералната партија која во Бундестагот гласаше за барањето на демохристијанската опозиција (ЦДУ/ЦСУ) да ѝ се испратат „тауруси“ на Украина, со што отворено му се спротивстави на канцеларот Шолц.

Слични содржини