Францускиот остров Амстердам, сместен во јужниот дел на Индискиот Океан, веќе еден месец се соочува со масивни пожари кои ги уништиле повеќе од 55% од неговата површина од 54 км². Островот, кој се наоѓа на половина пат меѓу Австралија, Антарктикот и Мадагаскар, нема постојано население, но од 1980-тите години на него се наоѓаат истражувачи кои проучуваат климатски промени и уникатна биолошка разновидност, пишува BBC.
Пожарот избувнал на 15 јануари близу опсерваторијата Поент Бенедикт, која го следи влијанието на стакленичките гасови, живата и аеросолите врз атмосферата. Иако жителите се обиделе да го контролираат пожарот, тој брзо се проширил кон истражувачката база Мартин-де-Вивиес. На 16 јануари, 31 лице беше евакуирано со рибарски брод кој случајно се наоѓал во близина.
„Бевме неверојатно среќни што бродот беше тука. Тој требаше да замине една недела порано, но не го достигна квотото за ловење јастози. Во спротивно, работите ќе беа многу потешки“, изјави Реми Шазо, компјутерски научник кој работеше на островот, за весникот Le Monde.
Пожарот се проширил поради суви услови и силен ветер, кој достигнува брзина од 40 км/ч. Островот нема реки, а пожарот се проширил и преку мочурливите површини (торф). Иако целосната штета сè уште не е проценета, сателитските снимки покажуваат дека пожарот ги оштетил соларните панели, комуникациските линии и залихите на храна.
Островот Амстердам е дом на уникатна биолошка разновидност, вклучувајќи ја популацијата на жолтоноси албатрос (84% од светската популација), како и колонија на јужни пингвини. Исто така, островот е важно место за размножување на јужни слонови и фоки од субантарктикот.
На 7 февруари, француската морнарица испрати мисија на островот за да ја обезбеди населбата, да утврди причина за пожарот и да го обнови електричниот и водоводниот систем.
„Ќе бидат потребни време и пари за враќање на нормала, а оваа пауза ќе значи недостаток на податоци за нашите истражувања“, изјави Марк Делот, директор на мисијата на Лабораторијата за климатски и еколошки науки (LCES).
Ова е прв пат во последните 45 години истражувањата на островот да бидат прекинати.