Рано утрово избувнал пожар во студентски дом (на „Пољанска цеста“) во Љубљана при што се повредени 11 лица, од кои едно е во критична состојба, јави N1 Словенија.
Пожарот бил пријавен нешто по четири часот, а пожарникарите брзо реагирале, евакуирале 363 лица и спасиле 45 лица со помош на скали и заштитни маски.
Во гаснењето учествувале 77 пожарникари со 23 возила, а пожарот е ставен под контрола за нешто повеќе од еден час.
Според информациите од Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) Љубљана, меѓу повредените има млади лица на возраст од 15 до 19 години.
Тројца се тешко повредени – еден ученик има тешки изгореници и е во критична состојба, додека двајца се здобиле со скршеници на ‘рбетот и глуждот откако скокнале од прозорец за да се спасат од пожарот.
Уште четворица се хоспитализирани поради труење со јаглерод моноксид, а останатите се со полесни повреди.
Причината за пожарот се уште не е позната, а истрагата е во тек, се наведува.
Според првичните информации, пожарот избувнал во една од собите на првиот кат и брзо се проширил. Студентите тврдат дека алармот за пожар не бил вклучен, но полицијата се уште не го потврдила тоа.