Путин ги пречека на црвен тепих шпионите кои Словенија ги осуди и протера: Артем и Ана се задскривале зад параван на приватни компании

од Илинка Илиоска
286 прегледи

Артем и Ана Дулцеви беа осудени од судот во Љубљана за шпионажа, односно за користење на Шенген зоната во рамките на Европската унија за правење бизнис за руската разузнавачка служба.

Според обвинението, ова дуо се преправало дека е аргентинска двојка, а со децата разговарале на шпански. Покрај тоа, тие биле „сопственици“ на неколку приватни компании, но ова беше параван за дејствување во корист на Русија.

Кога биле уапсени, ја негирале вината, но набрзо стигнала „интервенцијата“ на руските функционери, па ги признале своите активности во Словенија и ЕУ.

📸 Руски шпиони осудени и протерани од Словенија: Се претставувале како аргентински државјани

Според аналитичарите казната беше знак дека ќе се случи размена на затвореници, за која ЕУ и САД долго време преговараат со Русија, а токму Артем Дулцев и Ана Дулцева се меѓу ослободените, кои Путин вчера лично ги пречека на црвен тепих.

Тие се елитни шпиони кои со години живееја во Словенија како ИТ бизнисмен Лудвиг Гиш и трговец со уметнички дела и сопственичка на галерија Марија Роза Мајер Мунос.

Се преселиле во Љубљана во 2017 година

Марина Мајер и Лудвиг Гиш се преселиле во Љубљана со своите две мали деца во 2017 година. Луѓето кои ги запознале имале само пофални зборови за новодојденците од Латинска Америка кои биле пријателски настроени и никагаш агресивни.

Мајер отворила онлајн уметничка галерија, додека Гиш водел ИТ стартап. Тие им кажале на пријателите дека големиот страв од уличниот криминал дома во Аргентина ги поттикнал да се преселат во Европа.

-Мирната, планинска Словенија понуди освежувачка промена на темпото, пишува „Гардијан“.

Според соседите ти се обично семејство, чии деца често си играат во градината, зборувајќи на шпански.

Затоа, шок беше кога, на почетокот на декември 2022 година, Мајер и Гиш беа цел на една од најтајните и најкоординирани полициски и разузнавачки операции во поновата историја на Словенија. Полицијата упаднала во куќата, го уапсила брачниот пар, а нивните две деца ги предала на социјалните служби. Полицијата извршила претрес и во канцеларијата во сопственост на парот. Според извор информиран за истрагата, пронајдена е огромна сума на готовина, за броење биле потребни часови.

Настаните имаат долга историја

Почнале во Русија, каде што илегалците, како специјално избрани припадници на руските разузнавачки служби, пишува овој медиум, поминуваат повеќегодишна програма за обука. Во извештајот за активностите за 2023 година, Словенечката агенција за разузнавање и безбедност (Сова), како што се вели во текстот Н1 Словенија, посочува дека преку оваа обука руските разузнавачки служби ги подготвуваат овие оперативци да заминат во странство, каде што преземаат лажни странски идентитети и функционираат незабележано под „длабока таинственост“ (на англиски „deep cover“).

Според Сова, станува збор за високообучени разузнавачи, кои се конспиративни во работата и се опремени со специјализирана техничка опрема.

„Тие често испраќаат пари во странство, а за да го изградат својот нелегален идентитет, руските разузнавачки служби (РОС) добиваат изводи од регистрите на странски државјани, обично оние што починале во раното детство. Врз основа на овие податоци, РОС потоа во текот на неколку години создава измислен живот, кој е поддржан со вистински документи, може да се прочита во извештајот.

Сова додава, се наведува во текстот, дека се обидуваат за што подобра маска да создадат впечаток дека човекот е странец во туѓа земја – на пример, дека е роден во една земја, живее во друга и има пошироки семејни врски во трета. Сите врски на илегалците со Русија се прикриени, се наведува.

Како го изградиле својот лажен идентитет

Со овие наводи се согласуваат и наодите на новинарите на американскиот весник Волстрит џурнал, се наведува. Во написот објавен во средината на јуни, пишува Н1 Словенија, тие детално ја опишале конструкцијата на измислените идентитети на Марија Меер Мунос и Лудвиг Гиш. Според нивните информации, тие двајца пристигнале во Аргентина во 2012 година по различни рути и речиси веднаш се посветиле на стекнувањето аргентинско државјанство.

Гиш тврдел дека е австриски државјанин, роден од аргентинска мајка во Намибија, што му овозможило брз пат до државјанството, се вели во извештајот. Од друга страна, Марија тврдела дека е Мексиканка и приложила извод од матична книга на родените во кој пишувало дека е родена во Грција, пишува Н1 Словенија.

Според Волстрит џурнал, брачната двојка живеела мирен и незабележителен живот во аргентинската престолнина, а нивните соседи ги опишале како љубезни и почитувани. Во овој период тие ги добиле ќерката Софи и синот Даниел.

Во текот на летото 2017 година, семејството дошло во Словенија со туристичка виза. Како што информираат од Н1 Словенија, тие отвориле две компании во Љубљана, кои им служеле како маска: компјутерската фирма ДСМ&ИТ и интернет-уметничката галерија Арт галери 5’14. Имале, пишува, канцеларија во зграда на улицата Пармова, каде што се регистрирани уште неколку фирми на странски државјани.

Според познавачите на работата на разузнавачките служби, Словенија како членка на ЕУ, НАТО и други меѓународни организации е интересна за руската надворешна разузнавачка служба.

Контакти со политичари, бизнисмени, дипломати

„Програмата на илегалците им овозможува на руските разузнавачки служби да работат во средини што не ѝ се наклонети на Русија и воспоставуваат контакти со поединци што имаат пристап до саканите информации. Најчесто тоа се политичари, бизнисмени и дипломати, од кои во почетната фаза на соработка добиваат (и црпат) чувствителни информации за земјата, а подоцна можат да добијат и тајни информации. Илегалците во некои случаи вршат многу чувствителни оперативни активности во странство“, вели Сова во извештајот, пренесува Н1 Словенија.

Се додава дека откривањето на таквите активности од страна на контраразузнавањето е многу тешко, имајќи предвид дека илегалците со лажни (неруски) идентитети можат слободно (без визи) да патуваат во европските (шенгенски) земји, а сите нивни врски со Руската Федерација се прикриени.

„Руските шпиони беа следени неколку месеци“

Што направиле Мунос и Гиш за да го привлечат вниманието на разузнавачките служби засега е непознато, пишува Н1 Словенија. Но познато е дека Сова, како што се наведува, до нив стигнала преку известувања од странска разузнавачка служба. Не се знае која била таа „сојузничка служба“.

Во медиумите се појавија информации дека може да се работи за германска или италијанска разузнавачка служба, но соговорниците на Н1 Словенија тоа го демантираат. Најверојатно се чини дека информацијата дошла од американската разузнавачка агенција ЦИА.

Според изворот на Н1 Словенија, тоа не било јасно известување во стилот: „Гиш и Мунос се шпиони“, туку индикација дека Сова се поврзала со некои претходно собрани податоци. Таа потоа следела руски шпиони во Љубљана неколку месеци, како што е наведено, вклучувајќи и употреба на специјални методи за собирање податоци.

Кога Сова оценила дека не можат да добијат повеќе информации за активностите на руските шпиони во Љубљана, ниту со помош на специјалните методи за собирање податоци, решиле да преземат акција, пишува Н1 Словенија. Полицијата добила судска наредба за претрес на станот на Гиш и Мунос во љубљанската населба Чрнуче, што требало да доведе до нивно апсење, се наведува.

Во наредбата било наведено времето кога треба да се изврши претресот – според некои извештаи, пренесува Н1 Словенија, тоа време опфаќало 17 дена. Како што пишува овој медиум, директорот на Сова, Јошко Кадивник, првично размислувал да ги уапси руските шпиони на 28 ноември 2022 година, но потоа го поместил датумот за една недела.

Во соопштението за медиумите, во кое тој ги негираше тврдењата на поранешната министерка за внатрешни работи Татјана Бобнар и поранешниот началник на полицијата Боштјан Линдав дека премиерот Роберт Голоб влијаел на изборот на датумот на апсењето, Кадивник ги поврзал оперативните и тактичките причини за утврдување на можните датуми на акцијата со наредби за употреба посебни методи на собирање податоци.

Според изворот на Н1 Словенија, речиси во исто време кога била издадена наредбата за претрес, наводно била издадена и наредба за следење (друг) телефонски број, кој би можел да даде конкретни информации за шпионската активност на Гиш и Меер Мунос. Затоа решиле да ја проверат и таа можност.

Информации за тоа дали биле успешни во ова нема, но на 5 декември 2022 година полицијата извршила претрес во нивниот стан и ги уапсила. За прв пат во текот на претресот била присутна и Сова.

„Малку фалело акцијата да не биде спроведена“

Според зборовите на упатен извор во тогашните случувања, пишува Н1 Словенија, акцијата речиси и да не била спроведена во тоа време. Имено, полицијата и Сова чекале да се исполни уште еден услов, кој овозможил апсење на руските шпиони.

Како што рекол еден од соговорниците на овој медиум: „Тие чекаа да ги фатат на дело, од некои наводи може да се заклучи дека сакале да ги фатат како комуницираат со Москва. Очигледно е дека Сова проценила дека руските шпиони можат да ги фатат „со прстите во џемот„ само во понеделник. Така, на 28 ноември, кога според првичните планови на Кадивник требало да се изврши апсењето, како и на 5 декември, кога всушност се случило апсењето, двата дена биле понеделник.

Откако децата заминале во училиште, упадот во домот бил доста насилен, пишува Н1 Словенија – полицајците ги скршиле прозорците и влегле низ нив. Одлуката за ваква акција е донесена за да се спречат Меер Мунос и Гиш да ги прикријат трагите од евентуално кривично дело, се наведува.

Полицајците кај руските шпиони пронашле поголема сума кеш, се вели. Некои медиуми сугерираат дека парите биле наменети за плаќање информации или за поткуп на руски разузнавачи. Изворите на овој медиум тврдат дека тоа не е точно и дека пронајдените пари биле искористени за егзистенција на семејството. Исто така, како што се наведува, додаваат дека со фирмите што ги отвориле во Љубљана, никако не можеле да ги покријат високите трошоци.

Според изворот на овој медиум, полицајците што биле подготвени да упаднат во куќата на руските шпиони во Љубљана, ги чекале децата да одат на училиште пред да ја спроведат акцијата. По апсењата, момчето и девојчето, сега на 11 и 8 години, биле сместени кај привремени старатели, пишува. Како што пренесува Волстрит џурнал, тие можеле редовно да ги посетуваат своите родители во притвор, кои ги известиле за можноста дека еден ден ќе ги фатат, се наведува.

Гиш и Меер Муњоз беа во притвор речиси дваесет месеци: првиот во Повшетова, а Меер Муњоз во Иго.

Според извори на медиумите, поради нив немало дополнителни безбедносни мерки. Наводно молчеле на сослушувањата – а сите нивни (не)одговори наводно потврдуваат дека се „добро подготвени илегалци на руската разузнавачка служба“.

По ослободувањето, Путин вчера лично ги пречека на црвен тепих.

Слични содржини