Се распаѓа ли „браната“ против екстремната десница во Германија? АфД очекува важни позиции во Бундестагот

од Milan1
31 прегледи

Новото свикување на германскиот Бундестаг, по февруарските избори во оваа земја, ќе има 120 претставници од екстремно десничарската партија АфД, која ќе биде најголемата партија во опозицијата. Поради фактот што ја има оваа сила, ја чекаат некои важни позиции во ова тело.

Според Политико, АфД ќе добие претседателства во неколку комисии, со што ќе се стави крај на децениската политика на отфрлање на екстремно десничарските идеи во политичките тела во Германија, попознати како „Брандмауер“.

Но, иако овие позиции, според собранискиот деловник, АфД мора да ги добие, дополнителен знак за укинување на оваа „брана“ се коментарите на членовите на ЦДУ, партијата што ќе ја предводи новата влада на Германија.

Јенс Шпан, поранешен министер за здравство и влијателен член на ЦДУ, е на мислење дека „АфД треба да се третира како и секоја друга партија“, и дека „нивниот број е порака што ни ја испратија гласачите“.

Нему му се придружи и Јохан Вадефул, исто така исклучително важен член на ЦДУ и еден од кандидатите за министер за надворешни работи, кој рече дека „браната ѝ помогна на АфД да ја глуми жртвата“, што е „една од причините поради која го достигнале сегашниот статус“.

Сепак, не се сите членови на ЦДУ со исто мислење. Во интервју за RBB, искусниот парламентарец Родерих Кизеветер ја нарече АФД „безбедносна закана за Германија“ и дека тие „не смеат да бидат во комисиите што ја надгледуваат работата на разузнавачките агенции“.

Коалициските партнери на ЦДУ од СПД отфрлаат каква било соработка со АфД. Секретарот на партијата Катја Маст рече дека АфД „не е партија како која било друга“ и дека ќе ги „заштити германските институции“ од екстремната десница.

Слични содржини