„Сè уште е жива Филип“: Деталите по првото користење на „кабината за самоубиства“ ја вознемирија јавноста

од Илинка Илиоска
72 прегледи
Контроверзите околу капсулата за асистирано самоубиство “Сарко” продолжуваат, особено по нејзината прва употреба кон крајот на септември од страна на 64-годишна Американка со тешка и неизлечива болест која предизвикувала неподносливи болки.

Според истражувањето на холандскиот весник “de Volkskrant”, кое вклучува разговори со 25 лица и експерти, аудио и видео снимки, правни документи и пораки, случајот предизвика значителна загриженост во јавноста.

“Сарко” е дизајниран од австралискиот лекар и физичар Филип Ничке и функционира така што лицето самостојно притиска копче кое ослободува азот во комората, предизвикувајќи губење на свеста и смрт поради недостаток на кислород во рок од неколку минути. Ничке изјави дека резултатот е “брза, мирна и достоинствена смрт”.

Иако “Сарко” е изработен во Холандија, Швајцарија е избрана за првата употреба бидејќи е една од ретките земји каде што асистираното самоубиство е дозволено од алтруистички причини. Лекарите можат да препишат смртоносни лекови, но луѓето мораат самите да ги употребат. Секој е одговорен за сопствената смрт.

Ничке работел на овој изум 12 години, застапувајќи ја идејата дека секој треба да има слобода да одлучува како ќе го живее својот живот, вклучувајќи ја и смртта. Идејата за “Сарко” се појавила во 2012 година кога добил барање од Тони Никлинсон, кој седум години бил парализиран од вратот надолу и го опишувал својот живот како “жива ноќна мора”.

Тогаш Ничке осмислил дизајн со кој сакал да ја “демедикализира” асистираната смрт – без игли, лекари или нелегални дроги. Никлинсон, во меѓувреме, не дочекал да го користи “Сарко”. Намерно престанал да јаде и пие бидејќи тоа бил единствениот начин да си го одземе животот.

По првата употреба на капсулата, полицијата уапсила фотограф од весникот “de Volkskrant” кој се обидувал да го документира процесот, Флоријан Виле од организацијата “Last Resort” која помогнала во самоубиството, и нивниот адвокат. Тие се во притвор веќе пет недели.

За јавноста, случајот сега се врти околу етиката на постапката, но обвинителите немаат силен аргумент за тоа. Затоа се фокусираат на “намерно убиство”. На суд сугерирале дека жената можеби била задавена, повикувајќи се на телефонски белешки снимени неколку часа по нејзината смрт. Тврдат и дека имала тешки повреди на вратот.

Нема официјален наод од обдукција кој би го разјаснил причината за смртта, и никој од адвокатите на осомничените не го видел споменатиот извештај. Казната за намерно убиство е максимално 20 години затвор, додека за асистирано самоубиство е пет години.

Весникот добил видео снимки од надзорни камери. Една била внатре во капсулата и била насочена кон копчето, а друга била монтирана на дрво пред прозорецот. Тие не снимале континуирано, туку регистрирале движења, но снимиле и звук. Според снимките, жената во 15:47 часот пристигнала до “Сарко”, а со неа бил Флоријан Виле.

Тој ја прашал дали е подготвена, на што таа прашала дали треба да ги соблече чевлите. Влегла во “Сарко”, наместила перница и легнала. Виле јавил дека е подготвена, а потоа се слушнале звуци кои сугерираат дека капсулата се полни со гас. По неколку минути, Виле рекол: “Сè уште е жива, Филипе”.

Случајот предизвика дебата за етиката и законитоста на асистираното самоубиство, особено со употреба на уреди како “Сарко”.

Слични содржини