Шпанската полиција денеска на Канарските острови уапси седум членови на екипажот на брод со повеќе од 200 мигранти, од кои осум загинаа.
Тие беа обвинети за убиство откако брод со 224 мигранти од Сенегал пристигна на пристаништето Ла Рестинга на островот Ел Хиеро кон крајот на декември, пренесува Ројтерс.
Осум лица загинаа во тепачка што изби за време на седумдневно патување, а голем број мигранти се тешко повредени, соопшти шпанската полиција.
Како што им кажале на истражителите некои од патниците на бродот, осум мигранти биле убиени од членовите на екипажот.
Меѓу убиените има и 14-годишно момче од Гамбија, како и татко и син од Гвинеја.
Седуммината осомничени членови на екипажот ќе останат во притвор до завршување на истрагата, соопшти полицијата.
Во претходен случај, полицијата, исто така, го уапси екипажот на брод што пристигна на истиот остров во ноември минатата година, за наводно убиство на четворица мигранти што ги превезувале.
Како што потсетува Ројтерс, Канарските острови се борат со зголемен прилив на илегални мигранти, главно од Мали, Сенегал и Мароко.
Преминувањето на отворено море со нестабилни чамци, често управувани од банди шверцери на мигранти, одзема илјадници животи секоја година, потсетува британската агенција.
Минатата година на овој архипелаг пристигнале рекорден број од 46.843 мигранти, што претставува 73 отсто од вкупниот број бегалци кои пристигнале во Шпанија, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.